Најмладите управуваа роботска рака на ФЕИТ!

март 3, 2023

Ученици од седмо одделение од основното училиште „Кузман Јосифовски – Питу“ од Скопје беа во едукативна посета на Факултетот за електротехника и информациски технологии.
Сите ученици учествуваа на работилница за популаризација на електротехниката и информациските технологии која се одржа во Центарот за иновации и трансфер на технологии – ИНОФЕИТ.

Учениците проследија предавање за безбедносните и еколошките аспекти на електричната енергија, демонстрации на практични лабораториски вежби од областа на обновливите извори за енергија и роботиката, како и изработка на електрични уреди со CNC машина и 3D принтер. На Институтот за Автоматика при ФЕИТ учениците извршија самостојно управување на роботска рака.

„ФЕИТ како општествено одговорна образовна институција е во постојана соработка со основните и средните училишта во земјава. Сме реализирале голем број работилници во училишта каде што учениците можат практично да ја изучуваат електротехниката во креативна работна средина. Целта на овие работилници е од рана возраст да се развие љубовта кон техничките науки и да се истакне важноста на електротехниката во модерното општество. Општ впечаток е дека учениците се исклучително заинтересирани за овие теми и имаат одличен потенцијал кој треба да се искористи од нашиот факултет и од нашето општество“, рече вон. проф. д-р Живко Коколански, еден од организаторите на работилницата.
Обврска на целото општество е да ја користи технологијата само за добро и да изнајде начин како ефикасно да се искористи, вели класниот раководител Татјана Нанкова.

„Модерното време носи нови предизвици, но и потреби, а денешните ученици и нивната креативност треба да се канализираат. Интернетот е виртуелен простор каде можат да се добијат голем број корисни информации, доколку разумно се користи. Современите трендови покажуваат дека новите генерации сѐ порано и сѐ побргу учат како компетентно да манипулираат со далечински управувач, паметен телефон, таблет, плејстејшн и слично. Присутноста на електронските уреди, денес, е толку голема што е речиси вткаена во секојдневното функционирање на луѓето“, објаснува Нанкова.

Ова е причината за нивната посета на Факултетот за електротехника и информациски технологии, иако иницијативата произлегла од учениците, од класниот раководител и од родителите.

„Желбата да се научи нешто ново, ама искуствено, практично и истото да се примени е мотив повеќе нашето учење да го насочиме кон стручното образование. Растеме со технологијата, учиме од неа таа за таа да биде додадена вредност во општеството преку младите генерации. Учениците се љубопитни, бараат предизвици, се интересираат за технолошките пронајдоци, интересно им е да играат да креираат нови продукти, а нам на наставниците примарната задача е да им ги отвараме видиците за да се насочи нивната креативност во полезни и висококвалификувани кадри. Благодарани сме на ФЕИТ за споделувањето на практичното и теоретското знаење во оваа област“, додава Нанкова.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ