Под покровителство на градоначалникот Петар Јанков и Советот на општина Струмица, а во техничка организација на Општински сојуз на училишен спорт на Струмица, вечерва во хотелот „Сириус“ по 63-ти пат се одржа традиционалната манифестација на која се избраа најдобрите спортисти, тренери и спортски екипи за 2025 година.
Градоначалникот на општина Струмица, Петар Јанков, ги поздрави сите учесници во годинашниот избор, на најдобрите им честиташе за постигнатите успеси и на дел од нив им ги врачи наградите.
-Струмица е град кој дал големи спортски имиња. Нашата мисија е да создадеме услови идните генерации да бидат нивни достојни наследници. Во изминатите неколку месеци од мојот мандат, направивме конкретни чекори во таа насока. Изградено е повеќенаменско спортско игралиште во дворот на гимназијата „Јане Сандански“, простор кој веќе го користат младите и кој претставува уште еден доказ за нашата посветеност кон спортот.
Во иднина ќе продолжиме со вложувања во нови спортски простори и во унапредување на постојните, со цел спортот да биде достапен за сите. И за младите и за повозрасните генерации. И за рекреативците и за професионалците, рече меѓу другото, градоначалникот Јанков.
Изборот и прогласувањето на најдобрите и најуспешни спортисти, спортски екипи и тренери беше поделено во две главни категории – екипен спорт и индивидуален спорт и една подкатегорија – спортска надеж.
За спортист на годината во индивидуален спорт е прогласен Петер Велков од КБК К1 АРЕНА. Спортист на годината во екипен спорт во женска конкуренција е Софија Пандева од ОК „Наковски Волеј“, спортист на годината во екипен спорт во машка конкуренција е Филип Маџунков од ОК „Струмица 47&72“.
Катја Поп- Николова од ШК „Цареви Кули“ и Филип Пасков од КК „Шихан“ се прогласени за најдобри млади спортисти на Струмица за 2025 година во индивидуалниот спорт. Ивана Милева од ОК „Наковски Волеј“ е прогласена за најдобар млад спортист во женска конкуренција, Јован Милев од ОК „Струмица“ во машка конкуренција.
Сениорските состави на ОК „Струмица“ и КБК Тим Зоран избрани за најдобри екипи на Струмица за 2025 во екипна и индивидуална конкуренција. За најдобра екипа во младинска категорија е избран ФК „Академија Пандев Брера“(пионери).
На вечерашниот спортски избор, за најдобар тренер во индивидуален спорт е прогласен Зоран Спасов од КБК Тим Зоран, а во екипен спорт најдобар тренер е Александар Митев од ОК „Наковски Волеј“. Најдобар тренер во младинска категорија – индивидуален спорт е Атанас Василев од КК „Шихан“, а во екипниот спорт Мартин Алаѓозовски од ФК „Академија Пандев Брера АД“.





































