Над 700 македонци изразиле интерес за работа или во Албанија или во Србија, за неполна недела откако се отвори единствениот пазар на трудот во Отворен Балкан.
Откако извадиле ИД број, на системот на е-услуги во земјата на аплицирање можат да пристапат на пазарите за труд, и откако ќе ги поминат безбедносните проверки, ќе можат да бараат фирми за работа, без да вадат работна дозвола.
И во Србија речиси идентичен е бројот на српски државјани кои аплицирале за работа во Македонија или Албанија, а веќе има и македонски фирми кои очекуваат да им бидат одобрени дозволите на работниците од соседството, за да започнат да работат во земјава.
Видлив е интересот на граѓаните за мерката Слободен пристап до пазарот на труд во земјите од Отворен Балкан. Во првите неколку денови има над 700 српски граѓани кои извадиле ОБ ИД бројче од српската е-управа со што се стекнуваат со правото да ја почнат постапката за добивање сертификат за слободен пристап до пазарите на труд во Македонија и Албанија.
Ние веќе имаме информации за компании во Куманово и Струга кои очекуваат работници од пограничните области во Србија и Албанија, вели за Сител координаторот за Отворен Балкан, Марјан Забрчанец.
Министерствата за внатрешни работи имаат рок од 30 дена да го проверат лицето кое аплицирало и откако ќе му се издаде безбедносниот сертификат и ќе си најде работа, две години може да престојува во земјата.
Но дали отворениот пристап на пазарот со соседите ќе донесе добивка или загуба во македонската економија? Со оваа мерка може да се соочиме со дополнителен одлив на работници од Македонија, вели во интервју за РСЕ, претседателот на Сојузот на стопански комори.
Но сепак, дел од економските експерти сметаат дека сепак земјава би имала добивка од оваа мерка со тоа што би добиле сезонски работници, особено во областа на земјоделието, овоштарството и градежнишвтото.