Болниците молат за кадар, здравство „чека зелено светло“ од министерството за финансии, оттаму без конкретен одговор дали и колку вработувања ќе одобрат за да може државните болници да ги покријат потребите на пациентите.
Како што велат од министерството за здравство за ТВ 24, побарани се вработувања за 550 доктори по медицина и за 1 347 медицински сестри низ болниците во земјава. Нема информации конкретно за кои здравствени установи станува збор, но барањата како што велат се проследени до финансии.
– Од јавните здравствени установи се доставени барања за вработувања за вкупно 550 доктори на медицина и 1 347 медицински сестри. Сите барања се проследни преку Фонд за здравствено осигурување до Министерството за финансии. – велат од министерство за здравство.
Од финансии пак нема конкретен одговор дали и колку одобрувања планираат во здравството. Оттаму само кусо велат:
– Министерството за финансии до буџетските корисници доставува само известување дали во буџетот на буџетскиот корисник, кој поднел барање, има обезбедено финансиски средства за реализација на ново вработување, а на поднесените барања се одговора во законски утврдениот рок.
Во меѓувреме болниците низ земјава кубурат со персонал, а немањето на стратегија, се дел од причините што младите лекари и сестри се демотивираат и заминуваат во странство.
„Делот на вработувањето е навистина тежок гледаме на голем број колеги што се повеќе и повеќе чекаат на вработување што е навистина зачудувачки затоа што потребата од лекари е навистина голема. Главниот проблем е пред се дисперзијата односно соодветната распределеност на лекарите, ние немаме толку голем проблем во Скопје колку што има проблем во малите градови низ Македонија особено источна Македонија која што кубури со кадар, имате градови каде што дежурствата ги држи еден лекар што е недопустливо. Во однос на самото вработување и административно внесување на самите колеги во целиот систем на вработување тоа е подолготраен процес кој што трае по шест – седум – осум месеци, зависно од конкурсот, а конкурсите за жал се често наместени, договорени, многу ретко гледаме вработување на колеги кои што со сета сгвојка претгходно искуство и образование си го заслужуваат местото за кое што аплицирале“. – вели Д-р Бојан Трајковски од Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти.
Токму поради долгите административни процедури за вработувања во здравството министерот Меџити најави дека ќе се залага во иднина да не се чека одобрувања од финанси за да се пополнат испразнетите работни места во болниците. Сепак дали и од кога ова ќе почне да се реалзира нема одговор ниту од здравство ниту од финансии. Според д-р Трајковски пари има но недостасува волја за да се решат проблемите како и долгорочна стратегија која како што вели нема да зависи од тоа кој министер од која партија е на власт.