НАД 100 МАКЕДОНСКИ ГРАЃАНИ БАРААТ СПАС ОД ИЗРАЕЛ КАДЕ ШТО ВО МОМЕНТОТ СЕ ВОЈУВА – ПОВЕЌЕТО СЕ НА БЕЗБЕДНИ ЛОКАЦИИ!

октомври 9, 2023

Министерството за андворешни работи информира дека вчера 20 македонски државјани го напуштиле Израел, а бројката на пријавени кои сакаат да заминат надмина 100 лица. Поголемиот дел од овие граѓани се наоѓаат на локации кои се сметаат за безбедни, а околу дваесетмина од нив, веќе имаат обезбедено билети за некои од комерцијалните редовни или чартер летови кои се на располагање.

Според Министерството, неколку граѓани, во рамките на нашите контакт точки се пријавиле дека се наоѓаат во деловите на земјата кои беа опфатени со насилните дејствија и се сметаат за небезбедни. Македонската амбасада во Тел Авив, како и контакт центарот во Скопје е во постојан контакт со нив и активно се работи за да се обезбеди нивен трансфер на безбедна локација, од каде би можеле да бидат упатени кон дома.

МНР уште еднаш ги повикува македонските граѓани кои во моментов се наоѓаат во Израел да ги почитуваат упатствата на безбедносните власти на Израел, како и да се пријават во амбасадата во Тел Авив или на дежурните телефони во централата во Скопје.

„Безбедносната состојба во Израел сѐ уште останува сложена. Состојбата во и околу Тел Авив, како и поголемите градови во Израел и делот на Западниот брег иако без воени операции останува напната. Меѓународниот аеродром во Тел Авив е во целосна функција и од таму сѐ уште оперираат редовните комерцијални летови, како и посебните чартер летови, но бројни авио компании низ светот во најголем дел ги одложија редовните линии со што редовниот авио превоз е отежнат“, соопшти МНР.

Министерството за надворешни работи изготвило детална анализа и проекција на сите можности кои ќе ги презентира пред Владата, која потоа ќе одлучува за натамошните чекори кои ќе бидат преземени.

Проценките на кризниот штаб се дека на територијата на Израел и загрозените подрачја се проценува дека престојуваат меѓу 100 и 200 наши државјани, од кои преку половината се прецизно мапирани и редовно се одржува контакт со нив.

За повеќе информации, МНР ги објавува СОС дежурните телефони на Министерството за надворешни работи 075/ 273- 732 и 075/268-736, како и дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив +972-54-926-7378

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ