strumica denes logo

На пресконференција соопштена програмата на Струмица Опен Фест 2018

Автор:

Датум:

јуни 29, 2018

Категории:

Струмица

Автор:

Датум:

јуни 29, 2018

Категории:

Струмица


Денес во салата за седници на Советот на општина Струмица,во Домот на АРМ, се одржа прес конференција за овогодинешното, седмо по ред издание на „Струмица опен фестивал“, кое годинава ќе трае безмалку два месеца. На прес конференцијата, од името на организаторот на фестивалот, Здружението на граѓани „Културен забавен живот“, зборуваше претседателот Томи Печков, кој даде акцент на културните фестивалски содржини. Најатрактивните настани на „Струмица опен фестивал“ и естрадните гости од земјата и странство ги најави градоначалникот Коста Јаневски, а за поддршката од Општина Струмица зборуваше претседателот на Советот на општина Струмица, Марјан Даскаловски.
Во своето обраќање на прес конференцијата, градоначалникот Коста Јаневски истакна:
„Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,
Велат дека СЕДУМКАТА е среќен број. Не само поради тоа, туку најповеќе поради ангажманите кои се преземаат, убеден сум дека струмичани, но и граѓаните од другите градови на Македонија, ќе имаат среќа да уживаат во извонредни содржини од СЕДМОТО издание на СТРУМИЦА ОПЕН ФЕСТИВАЛ, кое и годинава ќе се одржи во организација на Здружението на граѓани „Културен забавен живот“, а под покровителство на Општина Струмица.
Мене ми припаѓа задоволството, преку оваа прес конференција, да ве информирам за најатрактивниот дел од СТРУМИЦА ОПЕН ФЕСТИВАЛОТ, односно за утврдената програма за трите последни фестивалски денови, во која ќе настапат дури 20 изведувачи.
Па така, во петок на 17. август, свој настап на струмичкиот плоштад ќе имаат најпопуларните македонски поп пејачи, Тамара Тодевска и Владо Јаневски. Истата вечер ќе настапи и познатиот хрватски хит-мејкер Тони Цетински, а завршницата ќе биде во знакот на електронската музика, со настапот на 2BAD и Pata Pata Recordings.
Следниот ден, во сабота на 18. август, ќе настапат Зоран Илиев и Victory Band, Либеро Бенд, популарната евровизиска победничка од соседна Србија – Марија Шерифовиќ, како и балканската мега ѕвезда Лепа Брена.
На денот на затворањето на СТРУМИЦА ОПЕН ФЕСТИВАЛОТ, во недела на 19. август, посетителите ќе уживаат во настапите на „Црвена Јабука“, Саша Ковачевиќ и во првиот, ексклузивен концерт на „Дубиоза Колектив“.
Убеден сум дека изборот на изведувачи ќе ги задоволи сите музички вкусови и дека Струмица, во овие три августовски дена, ќе пулсира во ритамот на квалитетни ноти и рефрени од различни музички жанрови.
Истовремено, сакам да ве информирам, дека за непречено одвивање на фестивалот, сите служби на Општина Струмица ќе бидат максимално ангажирани во деновите на неговото одржување. За таа цел, ќе биде одржана координативна средба, на која ќе ги утврдиме сите мерки за претпазливост кои подоцна ќе ги споделиме со посетителите.
Искрено се надевам дека Седмиот СТРУМИЦА ОПЕН ФЕСТИВАЛ, и по посетеноста, и по квалитетот и по бројот на настани, ќе биде најдобар досега“.
На прес конференцијата, претседателот на Советот на општина Струмица, Марјан Даскаловски рече:
„Во пресрет на новото издание на СТРУМИЦА ОПЕН ФЕСТИВАЛОТ, имам чест да ја споделам со Вас информацијата, дека Општина Струмица на чело со градоначалникот Коста Јаневски, а со поддрша од Советот на општина Струмица, и оваа година е главен финансиски поддржувач на овој фестивал. За да имаме и годинава успешен и квалитетен фестивал, Општина Струмица одлучи од својот Буџет да издвои три милиони денари, а таквата одлука беше усвоена и од Советот на општина Струмица.
Оваа финансиска поддршка има за цел, да се овозможи проширувањето и реализирањето на фестивалската програма која брои дури 20 настани. Со тоа, убеден сум, дека СТРУМИЦА ОПЕН ФЕСТ ќе направи уште еден чекор напред во областа на културата, уметноста и забавата, и на тој начин станува вистински струмички бренд во македонски рамки. За прв пат овој фестивал ќе се одржува и во јули и во август, со што прераснува во вистинско Струмичко културно лето.
Веруваме дека граѓаните на општина Струмица и оваа година ќе бидат добри домаќини во сите фестивалски денови, а особено во периодот од 10-ти до 19-ти август. Посакуваме, сите граѓани да ги почитуваат правилата и мерките за претпазливост, посочени од организаторите, и да уживаат во богатата и интересна програма“.