На 22 ноември ќе се чествува по втор пат празникот на „Пресвета Богородица Брзопослушничка” во Струмица!

ноември 19, 2018

Во чест на чудотворната икона на „Пресвета Богородица “Брзопослушничка” на 22 ноември во манастирот на „Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици” во Струмица, каде од 12 март 2017 година се наоѓа иконата како дар од манастирот Дохијар на Св.Гора, ќе се чествува вториот нејзин празник откако е донесена.

Нa 21 ноември ( среда) во 16 часот, ќе се отслужи Вечерна богослужба со акатист кон иконата на „Пресвета Богородица Брзопослушничка”.

На 22 ноември во 07 часот – Утрена богослужба, а во 08 часот Света Божествена Литургија. По Божествената Литургија ќе биде отслужен молебен канон кон иконата на „Пресвета Богородица Брзопослушничка”.

Иконата е подарок од блаженоупокоениот игумен на Дохијарската обител, архимандрит Григориј ( + 22 Октомври 2018 година) , и неговото братство за градот Струмица и за целата наша земја. Kога Старецот лично ја испраќаше иконата од Света Гора ( 12 март 2017 година), тој покади пред иконата, а пред да ја подигнат и да тргнат кон пристаништето, заплака и сиот во солзи ѝ се обрати: „Пресвета моја, еве, дојде време да заминеш. Ќе одиш кај добри луѓе и свет народ. Те молам помогни им, како што и нам ни помагаш, закрилувај ги, како што и нас тука нѐ закрилуваш“. На пристаништето, пак, рече: „На оваа икона не може да се направи копија на друго место освен во оваа света обител. Но, ние не ви испраќаме копија, туку вистинскиот образ на Пресветата. Самата Мајка Божја заминува со вас. Да ве чува и закрилува, а вие чувајте ја Нејзината света икона“.

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ