МОН: Учениците ќе имаат учебници на 1 септември, испораката се интензивира

август 30, 2023

Министерството за образование информира дека сите учебници, кои досега се одобрени за користење од страна на Националната комисија за учебници, се испечатени и интезивирана е испораката до училиштата.

„Во согласност со акцискиот план, целосно завршена е испораката во Југоисточниот Регион, а во моментот учебници се распределуваат во училиштата во главниот град и во општините во северниот и западниот дел на државата. Процесот на испорака на сите учебници што се одобрени, вклучително и на најновите за трето одделение, кои ќе се дистрибуираат утре, ќе биде целосно завршен на 1 септември. Оние што се во постапка, а тоа се учебниците за шесто одделение, ќе се испорачаат во текот на септември, односно веднаш штом ќе ги поминат сите фази на процесот на одобрување. Во меѓувреме, на располагање ќе бидат помошни материјали за учениците и прирачници за наставниците, кои ќе бидат објавени во електронски формат на веб-страницата на Бирото за развој на образованието, во чија и сопственост се тие“, велат од МОН.

Од таму уверуваат дека задолжените оператори за испорака на учебниците се максимално ефикасни.

„Во координација со училишните служби работеа и за време на викендите, а ќе работат и во претстојниот викенд. Интересот на учениците е заеднички фокус на сите нас. Упатуваме апел до јавноста да ги следи информациите што ги објавува МОН наместо информациите што ги пласираат други страни, меѓу кои често и докажани центри за ширење шпекулации“, дополнуваат од МОН.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ