Кога во основно образование ја разбере суштината за образованието, угледот, за животот, воопшто, детето веќе не гази по гнилата даска и си ја гради похрабро својата цел. А кога целта биде добронамерна, може да сплоти нација која се расејува по светот, тогаш тоа дете расте во човек кој го носи светот во дланките, а Македонија во срцето.
Нашата ученичка , Дениција Џемова од Струмица, предавајќи го светото Кирилско писмо во Швајцарија пред наставници и ученици од Швајцарија, не само што си трасира пат кон реномирани училишта во Швајцарија кои го препознаа нејзиниот талент, труд, потенцијал, туку остава труд од педесетина страници во кој на германски јазик објаснува за животот и делото на Светите браќа и за глаголицата и за кирилицата како дело на учениците на Свети Кирил и Методиј.
Во него таа со голема љубов ја нагласува важноста на духовното растење преку христијанската вера која ја проповедаат Свети Кирил и Методиј во своите мисии , зборува и за својата Македонија која засветли низ кириличното писмо преведено на германски како сонцето што свети за сите подеднакво, како дожд што врне за сите, како воздух што го дишеме сите подеднакво!
Таа и од духовен аспект ја предава светата азбука, зашто и таа претставува молитва и треба да ни е чест да го користиме за убави кажувања, а не за клетви, пцовки и озборувања!
Дениција Џемова под менторство и силна поддршка од библиотекаркатат на ООУ„Никола Вапцаров“,Струмица, Наташа Цонева и по насоки на класниот раководител во Швајцарија, Стефан Кауер, ја обединува македонската дијаспора, отворено занемувајќи го тамошниот систем со квалитетот што го носат во своите гени нашите ученици во европските и земјите во светот, воопшто.
„Светите Кирил и Методиј, Миротворци на душата го сплотија светот, ја уништија ереста која беше вкоренета во уредувањето на општествата во 9 век и со глаголицата ја отворија портата на светот за словенските народи да ја проповедаат верата и љубовта во Божјата промисла. Покрај себе, иако јас овде, во Швајцарија, секогаш ја имав мојата најсакана библиотекарка, професија, со која малкумина знаат дека и Свети Климент ја работел, и таа сака често да ја нагласи светоста на тој повик, тета Наташа Цонева, и бескрајно и благодарам и сакам. Благодарам и на мојот класен раководител, кој топло ме прими во далечна земја за која копнеев да ја запознаам.“
Стефан Кауер е човек со огромна емпатија, великодушност и морал кој го препозна мојот талент и ми овозможи пред сите да ја презентирам мојата Македонија и нејзината длабока суштина.
Драги наши Македонци, ние сме гласот на Македонија. Македонското сонце преку нас ќе блесне во светот. Многумина од нас со разочараност од системот во Македонија, заминавме во светот, но со силната верба и труд, и ваша и наша, работите можат да се подобрат!
„ Се смениле ли дождот и сонцето или само нашите срца оладиле и се одалечиле од заповедите Божји и зборовите на светиот Кирил?“
Да не ја даваме лошата слика за Македонија во устата на волците да се ситат, зашто нашата земја е една прекрасна оаза која Господ наш ја чувал низ вековите, народот е тој кој гнаси и украсува, а со силна верба и дела можат да се сменат работите и овие заминувања што интензивно се случуваат низ годините да бидат само прошетки, а не за егзистенција!„
Со оваа порака и силна надеж и љубов, младата Дениција ја започна својата мисија во светот и им го честита 24 Мај- Денот на Свети Кирил и Методиј Рамноапостолни на сите Македонци во светот!