Порастот на индустриското производство во јули 2025 од 4,1 насто во однос на истиот месец лани го потхрани оптимизмот кај премиерот Христијан Мицкоски за солиден раст на бруто домашниот производ и во третиот квартал од годинава. Овој оптимизам го темели на податокот дека најзначаен носител на растот е преработувачката индустрија која е седум насто зголемена во однос на ланскиот јули.
„Најмногу радува растот во преработувачката индустрија, бидејќи таму имаме најголема додадена вредност. Јас очекувам тоа да се случува и во вториот и третиот месец од третиот квартал, што ќе значи еден солиден раст на бруто домашниот производ во третиот квартал, после оној раст на бруто домашниот производ што го очекувам во вториот квартал, кој што му следи на растот во првиот квартал од 3,2 насто“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Но, додека расте преработувачката индустрија, паѓаат неколку други категории како што е производството на енергија и нетрајните производи за широка потрошувачка. Во оваа група спаѓаат и прехранбените производи како што се млеко, свежо овошје, лекови, средства за чистење и лична хигиена.
Сепак, премиерот Мицкоски е оптимист дека вкупните добри резултати во индустриското производство, наскоро ќе го почувствуваат и граѓаните.
„Така што, имаме навистина едно огромно задвижување во економијата. Овие резултати што денеска како бројки ги гледаме, ќе се почувствуваат многу скоро во реалниот живот. Оно што е важно, немаме повеќе политички моќници кои што напаѓаат бизниси кои се успешни, нема повеќе криминал и корупција, нема повеќе изнуда, нема повеќе проценти“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Додека зголемувањето во преработувачката индустрија доаѓа од повеќе гранки како електрична опрема, машини/уреди, моторни возила, мебел и друго, слаба алка останува енергетиката.