Премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, упати порака до јавноста нагласувајќи ја важноста на националното единство како клучна вредност за иднината на државата.
„Најдоброто од нашата историја е пишувано со жртва, доблест и единство“, истакна премиерот, додавајќи дека денес, повеќе од кога било, пред нацијата стои предизвикот да ја зацврсти оваа најголема вредност – сплотеноста.
Според него, вистинската сила на една држава не лежи во стравот, туку во заедничката надеж и верба во иднината. „Силна е таа земја чии граѓани стојат еден покрај друг, не затоа што мораат, туку затоа што веруваат во таа нивна заедничка иднина“, порача Мицкоски.
Премиерот потсети дека македонскиот народ низ историјата бил многупати потценет, но никогаш покорен, истакнувајќи го достоинството со кое се чекори низ времето. „Нашите победи се тивки, но длабоки. Тие не се само за нас, туку се и порака до светот“, рече тој.
Во своето обраќање, Мицкоски подвлече дека Македонија можеби е мала по територија, но е голема по срце. „Да веруваме во тоа што сме и уште повеќе во тоа што можеме да бидеме. Обединети, не само што ќе опстанеме, туку така ќе победуваме“, заврши премиерот.