Премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, на својот официјален Фејсбук профил објави дека од денеска започнува исплатата на повисоки пензии за 2.500 денари. Ова е дел од исполнувањето на ветувањето за зголемување на пензиите за 5.000 денари, што ќе ги опфати повеќе од 300.000 пензионери.
Мицкоски нагласи дека, иако Македонија се соочува со многу предизвици, Владата е посветена на решавање на проблемите и подобрување на животниот стандард на граѓаните. „Со решавање на проблемите Македонија ќе биде повторно горда, а на овој начин Македонија ќе биде повторно ваша“, истакна тој.
Премиерот изрази надеж дека повисоките пензии ќе придонесат за подобар живот на пензионерите, со желби тие да ги користат со радост, љубов и среќа во своите семејства.