Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши го презентираше планот за поддршка од 40 милиони евра за мерки за вработување преку Оперативниот план, кој ќе опфати 16.507 невработени лица со фокус на самовработување на младите.
„Оваа година за мерките за вработување се издвоени рекордни 2,5 милијарди денари, односно 40 милиони евра, што е за 7,5 милиони евра повеќе од минатата година,“ истакна премиерот Мицкоски. Со овие средства се предвидува да бидат опфатени 16.507 лица, со што планот претставува досега најобемна финансиска поддршка во оваа сфера.
Во Оперативниот план, посебно внимание е посветено на младите до 29 години, долгорочно невработените лица, како и корисниците на гарантирана минимална помош.
За првпат, се воведуваат нови, таргетирани мерки со цел да се поттикне младинското претприемништво.
Младите кои сакаат да започнат сопствен бизнис ќе можат да аплицираат за неповратна поддршка до 10.000 евра – што е највисока досега понудена сума за оваа намена.
Дополнително, самовработувањето преку здружување ќе биде поддржано со суми до 20.000 евра за млади содружници.