Home

Perdormire
Политика Струмица

МИТКО БОЈАЏИСКИ: СОВЕТНИЧКАТА ЛИСТА НА „СТИГА Е“ Е УНИКАТНА ПОЈАВА ВО СТРУМИЧКАТА ОПШТИНА И ПРЕТСТАВУВА ЕДНА ГРУПА ДОКАЖАНИ, ЧИСТИ И ПОЖРТВУВАНИ ЛУЃЕ!

Home

БАРЕМ ОВА ДА ГО КАЖАМ

Пишува: Митко Бојаџиски

(Кандидат за советник на листата на СТИГА Е!)

Драги пријатели!
Токму кога сериозно размислував да ја понудам својата номинација во Здрава Котлина за градоначалнички кандидат за општина Струмица без императивот победа по секоја цена и така изборите да ги направиме многу, многу поатрактивни затоа што, нели, има многу материјал за такво нешто, морав да се пренасочам во борбата со ковидот која во меѓувреме ме спречи да земам активно учество во кампањата за советници на независната листа СТИГА Е!

Сепак, чувствувам должност да го кажам барем ова:

• Некои од вас ме знаат како еден од оние што беа на браникот на Македонија во 2001 година.
• Некои ме знаат како борец против мафијата во културата и по транспарентот „Мин. за култура или Мафија?“ со кое протестирав пред Министерството за култура и пред Владата.
• Некои ме знаат како борец против незаконскиот седумкратен в.д. директор во НУЦК „Антон Панов“ кој беше срам за струмичката култура и за неговата партија и кој го сменив од ова важно раководно место.

• Некои ме знаат како борец против примитивниот начин на работа на депонијата во Добрашинци и труењето на сите нас.

• Некои ме знаат како еден од основачите на Здрава Котлина и како непоколеблив и бескомпромисен борец против најголемото зло за Струмица после втората светска војна, евентуалното отворање на рудник Иловица-Штука.

Голема чест ми е да бидам дел од листата на советници на СТИГА Е! заедно со луѓето со кои четири и пол години издвојуваме време, пари, нерви и здравје во борбата против рудникот, без да очекуваме никаква корист од никаде, освен да бидеме чисти пред самите себе и пред својата околина. На оваа листа сме луѓето кои одамна сфатија дека ние самите граѓани треба да се бориме за сопствените права и правдини затоа што правата на поединецот и на народот неретко се разликуваат како поим и перцепција од перцепцијата на политичарите, олигарсите, мафијата и останатите релевантни и нерелевантни фактори. Пробавме да разговараме со сите на највисоко ниво, но кога сфативме дека политичарите само си играат со нас додека возот упорно оди во нивата со башаци, решивме дека е дојдено време да ја преселиме борбата на нивни терен и да им покажеме дека баш се што лета не се јаде.

Драги сограѓани, советничката листа на СТИГА Е!, е незабележана и уникатна појава во струмичката општина и претставува една група на докажани, чисти, пожртвувани луѓе. Ние очекуваме да бидеме поддржани од вас! Тоа на нас многу ќе ни значи! А верувајте, и на вас! Ние го очекуваме вашиот глас! Дадете ни ја шансата и нема да бидете разочарани! Ете, кажав!