Премиерот, Христијан Мицкоски, изјави дека Владата има подготвен пакет мерки и сценарија доколку кризата продолжи или се продлабочи, посочувајќи дека без интервенција би следело значително поскапување на горивата.
„Нашите пресметки покажуваат дека, доколку Владата не интервенираше, Регулаторната комисија во понеделник ќе донесеше одлука за ново поскапување на дизелот од 10,5 денари по литар, како и зголемување на цените на безоловните горива за 6 денари – што ќе значеше дополнително оптоварување за граѓаните“, кажа Мицкоски.
Со намалување на ДДВ-то, премиерот смета дека цената на бензинот ќе остане непроменета, а нафтата ќе се зголеми од 3 до 3,5 денари од литар.
Нагласи дека со оваа мерка граѓаните би заштедиле околу 200.000 евра дневно, односно приближно 1,5 милиони евра неделно, имајќи ја предвид просечната потрошувачка на гориво во земјата.
Според премиерот, намалувањето на даноците е најбрз начин да се ублажи ударот од ценовните шокови и да се спречи нивно прелевање врз цените на храната, транспортот и услугите.
Мицкоски најави засилени контроли на пазарот и повика на одговорно однесување од трговците и производителите, предупредувајќи дека секоја злоупотреба или вештачко зголемување на цените ќе биде санкционирано.
„Во време на криза, никој нема право да гради профит на грбот на граѓаните. Ќе има засилени контроли на пазарот. Секој обид за злоупотреба, вештачко зголемување на цените или брза заработка во овие услови ќе биде откриен, разобличен и санкциониран. Ќе продолжиме будно да ја следиме состојбата“, истакна премиерот.
Земјава, вели Мицкоски, не е исклучок од глобалната енергетска криза предизвикана од конфликтите на Блискиот Исток, кои доведоа до раст на цените на горивата, но и покрај тоа Македонија и натаму има најниските цени на нафтените деривати во регионот.



























