strumica denes logo

МИЦКОСКИ КОН БУГАРИЈА: Не попуштаме ни милиметар – Македонскиот идентитет нема повеќе да биде распродаван!

Автор:

Датум:

април 1, 2026

Автор:

Датум:

април 1, 2026

Премиерот Христијан Мицкоски остро реагираше на обвинувањата од опозицијата за евроинтеграциите, оценувајќи дека станува збор за веќе позната реторика и политики што, според него, го загрозуваат македонскиот идентитет.

„Тоа е позната реторика. Сега што да коментирам кога веќе сум ја коментирал многу пати во минатото? Начинот на којшто СДСМ ги гледа евроинтегративните процеси, а тоа е исклучиво распродавање на македонскиот национален идентитет, удар врз ткивото“, изјави Мицкоски.

Тој ја критикуваше политиката на опозицијата, нарекувајќи ја штетна за државните интереси.

„Тоа се, би рекол, мекотелни политики. Тие се мекото ткиво на македонскиот идентитет и на тој начин ја загрозуваат целата онаа стратегија којашто ние како влада ја градиме“, изјави Мицкоски.

Премиерот додаде дека ваквите ставови се поздравувани надвор од земјата, особено од, како што рече, политички кругови во Бугарија.

„За жал, следбениците на ‘живковизмот’ во Бугарија денеска слават што имаат вакви политичари во Македонија коишто сè уште се активни како луѓето од опозицијата СДСМ“, изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека Владата нема да прави отстапки без јасни гаранции.

„Сите во светот треба да знаат, и македонските граѓани, дека таа работа без ВМРО-ДПМНЕ не иде. И таа работа без ВМРО-ДПМНЕ не бива. А ВМРО-ДПМНЕ нема да влезе во било каква авантура сè додека нема јасен крај и сè додека не бидат гарантирани човековите права на македонската заедница кај нашиот источен сосед“, изјави Мицкоски.

Премиерот потенцираше дека позицијата на Владата останува непроменета.

„Нема да се поместиме нити милиметар. Ќе чекаме. Ако не, ние ќе го пренесеме тоа на тие коишто нас ќе нè следат. Ако и тие не успеат, и тие што нив ќе ги следат“, изјави Мицкоски.

Во заклучок, тој испрати порака дека, според него, сегашната опозиција нема политичка иднина.

„Македонскиот идентитет нема простор повеќе да биде распродаван, а овие мекотелни политичари коишто се дел од мекото ткиво на македонскиот идентитет, јас сум убеден дека после следните парламентарни избори ќе заминат во историја и никогаш повеќе нема да ни се повторат“, изјави Мицкоски.