Македонците трошат околу 40 отсто од приходите за храна!

август 29, 2023

Кризата, војната и скапотијата го изменија животот на поголем број македонски граѓани, но и во земјите од Балканот и пошироко, европските држави. Анализите на европската статистика покажале дека жителите на Македонија трошат околу 40 отсто од своите месечни приходи за храна, а за друго, како што се режиските трошоци, образованието, културата, туризмот, им остануваат 60 отсто. Истражувањето е на агенција „РИА рејтинг“. Таа опфатила 40 европски држави, искористувајќи ги ланските податоци од националните статистички служби.

Но, жителите на земјава не се откажуваат од цигарите и од алкохолот и во услови на криза. Па така, во Македонија просечно се трошат четири отсто од приходите за цигари и за алкохол. Има пари и за ресторани, остануваат околу 3,6 проценти за трошоци во ресторани, кафулиња и хотели, ама за култура и рекреација има помалку, околу 1,8 отсто.

Македонија се наоѓа на 37. место на листата, пред Молдавија, каде што повеќе се троши за храна, околу 43,8 проценти. Тука некаде е и Казахстан, каде што 47,6 отсто од приходите одат за храна. На врвот од листата со најмал процент трошоци за храна е Луксембург, со околу 8 отсто, а потоа следуваат Холандија и Велика Британија со по 10,6 проценти, Ирска со 11,5 отсто и Финска со 11,7 проценти.

Словенија е земја која е најдоброрангирана во регионот и таа е на 18. место со трошоци за храна од 15,5 отсто од вкупните приходи. Грција е 22. со 20,2 проценти, Турција е на 23. место со 20,3 отсто, Хрватска на 29. со 28,2 проценти. На листата се најде и Црна Гора, која е 30. по ред со 29,7 отсто застапеност на потрошувачката на храна, потоа следува Србија на 34. со 34,3 проценти, а Бугарија е едно место пред земјава, 37, односно 37,8 отсто.

Во категоријата на трошоци за цигари и за алкохол, со четири отсто, Македонија е на делба на 34. место заедно со Литванија и со Турција, а по земјава следуваат Србија со 4,9 проценти и Бугарија со пет отсто. Во Романија, овој трошок е поголем и достигнал 8,2 проценти. На самиот врв е Луксембург со 1,3 отсто трошоци за цигари и за алкохол од вкупните приходи, пред Португалија, Кипар и Молдавија по 1,6 проценти и Шпанија и Германија со по 1,7 отсто. Словенија е 12. со 2,1 процент, Хрватска е 24. со 2,9 отсто, а Грција и Црна Гора се на делба на 29. место со по 3,7 отсто.

Што се однесува, пак, на процентот на трошоци од месечните приходи во ресторани, кафулиња и хотели, земјава е на 11. место со 3,6 отсто. На врвот на оваа класификација се Романија и Молдавија со 1,9 проценти, пред Белорусија (2,8 проценти) и Хрватска и Украина (со по 2,9 отсто), додека на самото дно се Шпанија (9,9 отсто), Грција (10,8 проценти) и Швајцарија (11 отсто). Србија е шеста со 3,1 процент, Црна Гора – 12. со четири отсто. Словенија е на делба на 19. место со уште четири земји со по 5,7 проценти.

Македонија е на делба на вицешампионското место со Казахстан во категоријата процент на трошоци за култура и рекреација со 1,8 отсто. Пред земјава е само Молдавија со 1,5 проценти, а по нас се Казахстан и Турција со по 2,9 проценти.

Последните пет места на листата ги заземаат Германија со 10,3 проценти, Исланд 11,1, Австрија со 11, Велика Британија со 15 и Швајцарија со 18,7 проценти. Од земјите во регионот, Црна Гора е шеста со 3,3 отсто, Грција десетта со 4,9 и Србија 12. со пет отсто. Хрватска е на делба на 14. место со Шпанија со 5,5 проценти, а по нив следува Бугарија, која е на 17. со 5,9 и Словенија е 29. со 13,3 проценти. Во ова истражување не се опфатени Албанија, Босна и Херцеговина и Косово.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ