strumica denes logo

МАКЕДОНЦИТЕ КОИ ЗАМИНАЛЕ ВО СТРАНСТВО СЕ СООЧУВААТ СО НОСТАЛГИЈА: Како да ја пребродат оваа состојба?

Автор:

Датум:

септември 17, 2024

Автор:

Датум:

септември 17, 2024

Некои од Македонците кои заминале во странство се соочуваат со носталгија. Иако животот го продолжуваат во развиени општества каде системот функционира и каде тие и нивните деца ќе имаат подобра иднина, сепак им недостигаат блиските и социјализацијата.

„Со сопругот и децата се преселивме во Германија. Јавниот превоз е беспрекорен, здравството е добро, градовите се убави и има каде се прошета, но сепак ме фаќа носталгија за дома, иако сум свесна дека во Македонија има многу недостатоци. За мене е проблем што допрва треба да го учам јазикот и затоа се чувствувам изгубено. Знам некои основни реченици, но тоа не е доволно“, вели наша соговорничка.

Луѓе во различна животна доба побарале и стручна помош од психолог поради депресивни чувствува поттикнати од преселбата во друга земја.

„Генерално да, се соочуваат и развиваат депресивни симптоми, зависно од тој период на адаптација, на промени, коишто влијаат на личноста. Се бара поинаков пристап, поинакви контакти, поинаков образец на делување. Сето тоа создава чувство на несигурност. Некои луѓе тоа го прифаќаат, имајќи ги предвид целите, а некои едноставно не можат да издржат и развиваат симптоми на анксиозност и депресија. Сум имала такви клиенти, коишто со заминување во странство развиваат невротски состојби. Може да се надмине носталгијата, ако личноста се подготви што ја очекува. Напуштање на сигурниот дом, сигурното работно место, одење на место кое е ново, во насока на промена на контакти, сето тоа влијае. Носталгијата може да варира. Чувството дека домот не ни е тука, дека сум одвоена од моите блиски, но од друга страна тука имам некои други можности. Значи прифаќање на носталгијата или неприфаќање и одење на невротски симптоми“, објаснува психологот и гешталт психотерапевт Радмила Манчевска.

Пред заминување луѓето треба да ги знаат целите, а психологот вели дека на некои луѓе им требаат и две години за адаптација. Манчевска додава дека иако во западните општества постои учтивост во меѓучовечките односи, сепак таму луѓето се порезервирани за комуникација и нови пријателства, а за нашите луѓе тоа донекаде претставува проблем.

„Да бидат свесни што добиваат таму, што им е значајно, а што добиваат во нивната земја. Да направат анализа меѓу тие два избори, што добиваат и што губат. Потсетување на оние пријатни моменти, издвојување на убавите нешта. Кога не сме задоволни ги гледаме само оние работи што ги губиме. Да се фоксуираме кон целите и да држиме курс. Тоа е она на коешто би требало да се држиме“, вели Манчевска.

Бранот иселување не запира. Македонските граѓани од 1. јуни ќе можат полесно да дојдат до работна виза во Германија. Земјата ја зголеми квотата и направи измени во постапката. Многу македонски граѓани се иселени во европските земји поради подобрите услови за живот.