Македонските наполитанки, салами и детергенти царуваат во косовските маркети- извозот на Косово надмина 30 милиони евра во јули!

септември 14, 2023

Во јули вредноста на стоката што од Македонија влегла во Косово поголема за 8 милиони евра повеќе во споредба со истиот период лани, а на граѓаните им беа понудени производи со ист квалитет и немаше поскапување, пишуваат приштинските медиуми

Македонски наполитанки, кекси, бисквити, месо и сувомесни производи, млеко и млечни производи, хемиски средства и детергенти во изминатите три месеци масовно се извезуваат на косовскиот пазар, дознава „Слободен печат“. Од друга страна, нема некое поголемо поместување кај нашите земјоделски производи, односно нивниот извоз на косовскиот пазар не е зголемен. Откако на 15 јуни, косовските власти го забранија увозот на производи од Србија, нивниот недостиг е заменет со производи од други земји, меѓу кои најмногу од Македонија.

Косовските медиуми пишуваат дека наместо српско брашно на рафтовите има пакувања на косовски производители, а забележително има повеќе артикли од Македонија одколку порано. Претседателот на Стопанската комора на Косово, Љуљзим Рафуна, рече дека Македонија станала главна „дестинација“ за косовскиот бизнис пред се поради близината.

Во јули вредноста на стоката што од Македонија влегла во Косово надмина 30 милиони евра, што е 8 милиони евра повеќе во споредба со истиот период лани.

„На граѓаните им беа понудени производи со ист квалитет и немаше поскапување, иако производите беа увезени од друга земја“, рече Рафуна за приштинските медиуми.

Од Стопанската комора на Македонија за „Слободен печат“ велат дека извозот е наша клучна определба, а актуелното позиционирање на косовскиот пазар, е добра вест бидејќи таму нашите компании како на ниедно друго место имаат добри деловни врски.

-Секое зголемување на извозот е за поздравување – вели Јадранка Аризанковска од СКСМ.

Поминаа речиси три месеци од блокадата на увозот на српски стоки што ја воведе косовската влада. Економските експерти за РТК2 потенцираа дека двете страни се во загуба, пренесе порталот Коссев. Претседателот на Здружението на стопанственици од Грачаница, Саша Секулиќ, посочува дека трговците од српските средини се надеваат дека наскоро ќе бидат укинати мерките на Владата на Косово за забрана за увоз на српска стока.

-Или ќе имате, на пример, маслиново масло од Албанија, Северна Македонија, или ќе го немате, нема многу производи, а српските трговци се принудени, како и потрошувачите, да купуваат стока која што во моментов е достапна во продавниците“, изјави Секулиќ. Доста компании од Србија се обидоа да најдат исти такви производи од Македонија и ги најдоа, меѓутоа едвај чекаат да се дигне рампата меѓу Србија и Косово, вели Агим Шахини, претседател на Алијансата за бизнис на Косово.

Најчести производи кои од Македонија се извезуваат се земјоделско-прехранбените, и тоа овошје, зеленчук, пиво, алкохолните и безалкохолните пијалаци, потоа преработките од млеко, кондиторските производи, маслото за јадење, цигарите и тутунот. Градежната и неметалската индустрија исто така имаат долга соработка со фирмите од Косово, пред се поради близината, а и специфичноста на самата стока, која не може да се транспортира на поголеми растојанија поради големиот трошок. Одделни фирми од овој индустриски сектор околу 60 проценти од своето производство го пласираат на тој пазар.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ