Македонските државјани во странство без нов пасош остануваат заглавени!

јануари 31, 2024

Веќе е јасно дека до 12 февруари голем број од жителите на Македонија и оние македонски државјани кои живеат во странство нема да можат да добијат нов пасош. Официјалните власти немаат одговор на бројни прашања на македонската дијаспора за тоа како тие ќе може да патуваат по 12 февруари.

Тие со македонски пасош се прашуваат дали треба да се вратат веднаш во Македонија, до 12 февруари, или ќе можат да патуваат и по 12 февруари со своите македонски пасоши со печатот – „пасошот е сопственост на Република Северна Македонија“. Македонските државјани во странство, од сета оваа неизвесност стравуваат и за губење на правото за престој и работа во тие земји. Без важечки пасош во многу земји таа дозвола и престој не може да се добие или да се продолжи.

Сите овие проблеми нашите сограѓани ги објавуваат по социјалните мрежи во неможност да добијат релевантни информации од македонските дипломатско-конзуларни претставништва. Единствената официјална информација е дека од 13 февруари тие ќе немаат валиден пасош, а капацитетите за издавање на пасоши со мобилните станици во тие претставништа е многу помал од бројот на граѓани кои мора да имаат валиден македонски пасош.

Тешко може да се добијат броевите на телефоните на амбасадите на Македонија во Берлин, Берн, Стокхолм, Рим, Загреб, Лондон, Љубљана, Брисел, Париз…

Од Министерството за надворешни работи тврдат дека преку дипломатско-конзуларни претставништва од почетокот на 2022 година досега се издадени повеќе од 50.000 патни исправи. Но, претпоставка е дека за уште најмалку 100 илјади македонски граѓани неопходна е промената на пасошот.

Засега нема никаков одговор како администрацијата ќе одговори на оваа потреба. Никој не кажува дали по истекот на тој рок патните документи ќе можат да се користат само во Македонија или и во странство.
Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски најавува измени на Законот за патни исправи или пролонгирање на рокот на важење. „Надвор од разумот е да се важечки, а да не се употребуваат од граѓаните. Тоа е единственото нешто што суштински ќе го реши проблемот. Останува да видиме како ќе се однесуваат техничката влада и сите институции. Но, ги уверувам граѓаните дека ќе сторам сѐ процесот да биде достоинствен во рамките на можностите. Секако, нема да биде како досега, ќе биде многу поинаку“, вели Тошковски.

Неофицијално, Грција веќе ги известила сите земји дека од средината на февруари важат само патните исправи со Северна Македонија.
Нема информација за тоа дека од македонското Министерство за надворешни работи била испратена нота за продолжување на важноста на пасошите и по 12 февруари.

Од МНР ја имаме само оваа информација за македонската дијаспора: Доколку државјани на Република Северна Македонија кои престојуваат во странска држава (по кој било основ) и кои до 12 февруари 2024 година немаат извадено нови патни исправи (пасоши), истите можат да се вратат во Република Северна Македонија со Патен лист, издаден од најблиското дипломатско конзуларно претставништво на Северна Македонија“.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ