Македонскиот леб од 500 грама е меѓу најевтиниот во светот!

ноември 11, 2023

Македонците годишно јадат 70-ина килограми леб, а последнава година најмногу го купуваат основниот вид од 30 денари

Најскап леб јадат Американците – 3,35 евра за векна од 500 грама, а најевтин е лебот во Тунис – само 13 центи за истата грамажа. Според веб-страницата Нумбео, Македонија е на 78. место од 98 земји, со цена од 63 центи за векна. Во моментот на пазарот, поради владината мерка, основниот леб се продава од 28 до 33 денари, но другите видови чинат и до 90 денари.

Според Статистика, проценетите приходи на македонскиот пазар на леб за 2023 година се движат околу 300 милиони долари, а очекувањата се дека тој ќе порасне за 4,47 проценти до 2028 година. Во глобална споредба, најмногу приходи од продажбата на леб се генерираат во Кина (72,28 милијарди американски долари во 2023 година). Инаку, Македонците годишно јадат 70,4 килограми леб, а во последно време најмногу се троши основниот.

Моменталната ситуација на цените на светските и на регионалните берзи на пченицата и покрај сите турбуленции околу војната во Украина, некако се стабилизираа, но пекарите ги загрижува движењето на цените на енергенсите, конкретно на природниот гас.

Сите овие податоци даваат за право да веруваме дека цената на брашното како и индиректно на лебот, посебно индустрискиот, ќе го задржат истото ниво на цени во идниот подолг период, прогнозираа неодамна од Групацијата за мелничко-пекарската индустрија во Стопанската комора.

– Овие цени се веќе константни во последниве месеци, по што може да се рече дека цената на лебот во однос на брашното ќе биде без поместувања, освен ако драстично не се зголемат цените на енергенсите или електричната енергија како минатата година. Во таков случај очекуваме Владата да реагира навремено за да не се соочиме со истиот проблем како лани, што беше една голема причина за поскапувањата – предупредија од Групацијата.

И министерот за финансии Фатмир Бесими апелираше во време на криза да не се шпекулира со поскапувања. Тој напомена дека цената на белиот леб е стабилна и тука, нема поместувања.

Инаку, Хрватска лани беше меѓу петте земји од ЕУ каде што лебот поскапи најмногу, а по воведувањето на еврото, следуваше нов бран поскапувања. За векна обичен бел леб од 750 грама во пекарница или во трговски центар се плаќа меѓу 1,3 и 1,6 евра.

Од декември 2020 до декември 2022 година, цената на лебот во Хрватска се зголеми за 49 отсто, покажуваат податоците на Евростат. Цените најмногу пораснале во Унгарија, дури 110 отсто, потоа во балтичките земји – Литванија 55 отсто, Летонија 50 отсто и Естонија 49 отсто. За споредба, во Словенија цените пораснаа за 28 отсто. Најмалку цените пораснале во Швајцарија – 5 отсто.

Српските власти подвлекоа дека без владината уредба основниот леб „сава“ ќе чинел 90 динара (45 денари) и го продолжија задолжителното производство и промет за лебот од брашното „тип 500“, со кое е пропишана и неговата максимална малопродажна цена од 54 динара (28 денари). Уредбата ќе остане на сила до 30 ноември, а пекарите од стоковните резерви ќе добијат дополнителни 42.000 тони брашно „Т-500“.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ