За овој натпревар треба сами да си ги платат авионските билети до Токио. Македонскиот тим на ИМО 2023 годинава го сочинуваат средношколците: Дамјан Давков, Алексиј Тасиќ, Никола Спировски, Никола Цветаноски, Јан Стојановски и Бранко Јангеловски
Вкупно 600.000 денари се потребни за младите математичари од Македонија да стигнат на Интернационалната математичка олимпијада во Јапонија која ќе се одржи од 2 до 13 јули. Сојузот на математичарите на Македонија (СММ) кои го организираат претставувањето на нашата земја на ИМО 2023 отвори можност за донации за да им се олесни товарот на учениците. Тие неколкупати досега постигнаа фантастични резултати и освоија многу медали на регионалните и светските натпревари. За овој натпревар треба сами да си ги платат авионските билети до Токио. Македонскиот тим на ИМО 2023 годинава го сочинуваат средношколците: Дамјан Давков, Алексиј Тасиќ, Никола Спировски, Никола Цветаноски, Јан Стојановски и Бранко Јангеловски. Учениците ќе ги придружуваат водачот на тимот проф. д-р Мирко Петрушевски и заменик-водачот Илија Јовчески, од Сојузот на математичарите на Македонија.
– Лани ИМО се одржа во Осло, Норвешка, дестинација за која успеавме да ги обезбедиме авионските билети. Јапонија е предалеку, авиобилетот за еден ученик чини околу 100.000 денари. Одвај ќе успееме да го платиме патот на водачот и заменик-водачот – вели проф. д-р Ѓорѓи Маркоски, претседател на СММ.
Тој објаснува дека по завршувањето на олимпијадата Агенцијата за млади и спорт им исплаќа некоја сума на учениците, но тоа не е утврдено со правилници и е чин на добра на волја на Агенцијата. Ако не се обезбедат парите, учениците ќе треба сами да го платат патот со Јапонија. Таму организиаторот обедбедува сè за натпреварувачите – сместување, храна и сè што им е потребно.
– Отворивме можност за донација, потребни ни се 600.000 денари. Принципот е едноставен, донаторот само треба да го потпише договорот со СММ што може да се направи и по електронски пат – објаснува Маркоски.
64. издание на ИМО се одржува во Чиба, близу Токио. Организатори се Фондацијата на математичката олимпијада на Јапонија во соработка со Агенцијата за наука и технологија на Јапонија и повеќе институции и здруженија од земјата. Ова ќе биде најголемата математичка олимпијада досега, а ќе учествуваат 110 земји од целиот свет.
Македонија во последните години постигнува одлични резултати на меѓународните натпревари. На јубилејната 40. Балканска математичка олимпијада што на почетокот на мај се одржа во Анталија, Турција, Македонија оствари нов рекорд – за прв пат се освоени шест медали меѓу кои еден златен, еден сребрен и четири бронзени. Златниот медал го освои Никола Спировски, сребрениот – Дамјан Давков, а со бронзените се закитија: Јан Стојановски, Алексиј Тасиќ, Никола Цветаноски и Алек Танаскоски. Лани на ИМО 2022 во Осло македонската репрезентација освои два сребрени и два бронзени медала. Преклани на ИМО 2021 во Санкт Петербург Дамјан Давков освои сребрен медал и стана најмладиот медалист од Европа на светскиот натпревар.
Да им помогнеме на златните деца да стигнат во Токио. Повеќе податоци за договорот на линкот.
Сојуз на математичарите на Македонија
Ул. Архимедова бр. 3, Скопје,
Жиро сметка: 300000001276071
ЕДБ: 4030991121596, депонент на Комерцијална банка АД
BENEFICIARY:
Company name: SOJUZ NA MATEMATICHARI NA MAKEDONIJA SKOPJE
Address: UL ARHIMEDOVA BR 3 SKOPJE
Acc. No. : 0270100300114
IBAN: MK07300701003001147
BENEFICIARY’S BANK:
Komercijalna banka AD Skopje
Ul. Orce Nikolov br.3, 1000 Skopje, Macedonia
BIC/SWIFT CODE: KOBSMK2X