Македонија е на дното на листата на европски земји според платите во образованието, покажуваат податоците што ги објави Јуроњуз, преземени од Евридика, мрежа на Европската комисија за образовните системи во Европа.
Според последните комплетни податоци на Евридика за периодот 2020/2021, Македонија е на 33-то место од вкупно 36 држави со годишна бруто плата во образованието од 7.291 евро, односно околу 450.580 денари годишно или 37.550 денари месечно. Податоците на Државниот завод за статистика за 2023 година покажуваат зголемување на платите во образованието, па така во април бруто месечната плата изнесувала 49,218 денеари, односно 32.780 денари нето.
Полоши од Македонија на листата се само Србија со 6.646 евра годишна бруто плата, Босна и Херцеговина до 6.120 евра и Албанија со 4.233 евра. Едно место пред Македонија, односно рангирана како 32-ра е Бугарија со годишна бруто плата на просветните работници од 7.731 евро.
Според претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков, иако овие податоци с еоднесуваат на 2020/2021 година, состојбата не е променета.
– Дефинитивно Македонија е најдолу во Европа според платите на просветните работници. Иако имаше добар исчекор за зголемување на платите, повеќедесениските загуби не можат така лесно да се надоместат – вели Неделков за „Слободен печат“.
Според него, платите на просветните работници сѐ уште се под просечната плата во земјава. Па така, наставниците во основното образование добиваат плата од 29.200 денари без додатоци, но додатоци не примаат сите. Во средното образование, пак, платата е 30.000 денари што е помалку од просечната плата во земјава која што, според Државниот завод за статистика, во април изнесуваше 36.134 денари.
Што се однесува до платите во соседството, додава Неделков, и таму просветните работници добиваат плати околу просекот и под просекот во државата.
Колкави плати имаат просевтните работици во Европа? Според податоците од Евридика, просечната годишна бруто плата на просветните работници во Европската Унија е 25.055 евра. Најголема плата имаат просветарите во Луксембург – 69.076 евра годишно, потоа во Швајцарија – 66.972 евра и во Германија – 54.129 евра.
Од земјите во регионот највисоко котира Словенија на 18 место со просечна годишна брутоа плата на просветните работници од 19.777 евра, Хрватска е четири места подолу, на 22 место со 14.158 евра, Грција е на 24 место со 13.104 евра, а Црн а Гора е 25-та на листата со 9.983 евра. Во групата со по под 10.000 годишна бруто плата на просевтните работници се и Латвија, Словачка, Унгарија, Романија и Полска.
Инаку, Македонија за разлика од висината на платата има подовар рејтинг во однос на минималната плата. На оваа листа земјава се наоѓа на 16 место со просечна плата на просветните работници која е 1,7 минимални плати. На врвот е Германија со 2,8 минимални плати, а на дното е Послка каде што платата на просветните работници е 1,1 минимална плата.
Но, Македонија е на врвот на листата според стапката на почетната плата на просветните работници во однос на БДП по жител – 1,28, пред Германија со 1,26.