„КРОТКА“ НА ГОЛЕМИОТ ДОСТОЕВСКИ ВО САБОТА НА 21 ДЕКЕМВРИ ВО НУЦК „АНТОН ПАНОВ“-СТРУМИЦА

декември 13, 2019

21 ДЕКЕМВРИ, САБОТА

ПОЧЕТОК 20:00 ЧАСОТ

МЕСТО: „НУЦК АНТОН ПАНОВ“-СТРУМИЦА

Новелата „Кротка“ е едно од подоцнежните дела на Достоевски. Таа е напишана според вистински настан за кој Достоевски дознал од петербуршките весници – самоубиството на млада, сиромашна девојка, која скокнала од прозорецот, држејќи ја семејната икона во рацете. Во новелата, Достоевски ја слика бурната драма на судирот меѓу две личности, меѓу два пола, меѓу две генерации.

Новелата го покажува мајсторството на Достоевски во длабинското продирање во човековата психа, како да го снима процесот на мислење и функционирањето на психичките механизми. Евоцирајќи го заедничкиот живот со младата жена, главниот лик постојано запаѓа во контрадикции, со што докажува дека не постои еден став, една вистина и еден начин на гледање на работите, туку секогаш постојат најмалку две точки на гледишта. Според некои аналитичари, во ова дело на најдобар начин се манифестира најважнито раскажувачки принцип на Достоевски – принципот на изнесување на гледиштата „за“ и „против“.

,,Откривањето на законите на живеење во едно силно гравитационо поле, во еден слободен пад во бездната на сопствената душа, се наоѓа епицентарот на нашите театрални талкања.

“Преставете си маж, на масата му лежи жена самоубиец која неколку часа претходно се фрлила од прозорец. Тој сака да сфати што се случило, да ги собере мислите во една точка и го раскажува настанот за да си го разјасни. Зборувањето, на крајот го донесува до вистината и таа му се открива јасно.”

Во една точка на согорено, до бело духовно горење го фаќаме “херојот” на Кротка. Неговотo слово e последниот бастион во битката за спасението- ќе стигне ли до покајувањето?

Кој е виновен за нејзината смрт ? Јас или таа?

Се ли е дозволено?

Се прашува нашиот херој.

Тврдоглаво се фрла во црната дупка на апсолутната слобода, на злото, на самоспознанието. Ги истражуваат сопствените сили до крајни предели. Не монашка аскеза и студенило, туку огнено крштевање на Човекобогот во сопствените страсти, во вртлогот на животот, директно спознавање на злото.

“А можеби човек не ја сака само благосостојбата? Можеби исто толку го сака и страдањето? Страдањето – па нели тоа е единствената причина за сознанието? “ – се прашува антихеројот од “Записите од подземјето”. Прозорецот е отворен, a од него влегува светлина. Раката е подадена од спасителот, прашањето е – дали ќе може лихварот да се победи самиот себе и да ја спаси сопствената душа?”

(од режисерот Дејан Ангелов)

Монодрама ,,Кротка” – Според новелата на Фјодор М. Достоевски

Режија и драматизација – Дејан Ангелов

Актер – Стојан Велков Трн

Музика – Ставре Ангелаков

Сценографија и дизајн – Никола Пијанманов

Народен театар Антон Панов Струмица, Сцена 112 – декември 2019 година.

Претставата е финансиски поддржана од Г1 програмата на општина Струмица, во копродукција со Народен театар Антон Панов Струмица.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: