Во рамките на одбележувањето на Еко месецот, во детската градинка „Прва радост“ во општина Василево се одржа креативна еко-работилница, на која најмладите заедно со своите родители имаа можност да создаваат уникатни предмети од текстилен отпад.
Како што информираше градоначалникот на Општина Василево, Славе Андонов, преку игра, дружење и тимска работа, децата активно учествувале во изработката на креативни изработки, покажувајќи дека и најмалите можат да придонесат кон зачувување на животната средина.
Работилницата имала за цел да ја подигне свеста кај децата и родителите за правилно управување со текстилниот отпад, како и да покаже дека старите материјали можат да добијат нова, креативна и корисна употреба.
Од Општината потенцираат дека ваквите активности се од особено значење за развивање на еколошка свест уште од најрана возраст, како и за поттикнување на креативноста и заедништвото кај најмладите.





























