Прашан за бројот на граѓани кои не поседуваат лични документи со новото име на државата, лидерот на СДСМ рече дека не може да прецизира, но додаде дека на сите треба да им се обезбеди правото да гласаат на изборите.
Поранешниот премиер и актуелен лидер на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, денеска изјави оти СДСМ ќе го поддржи предлогот граѓаните кои имаат лични документи со старото уставно име на државата да може да гласаат на претстојните претседателски и парламентарни избори.
По однос на ова прашање, како што изјави Ковачевски, се дискутирало уште од крајот на минатата година.
„Работните групи кои работат на Изборниот законик уште од крајот на минатата година работат на решение да има одредба со која ќе се дозволи на секој граѓанин да го оствари своето гласачко право“,кажа Ковачевски во одговор на новинарско прашање по денешната посета на винаријата Брзанов во Трубарево.
Прашан за бројот на граѓани кои не поседуваат лични документи со новото име на државата, Ковачевски рече дека не може да прецизира, но додаде дека на сите треба да им се обезбеди правото да гласаат на изборите.
„За точниот број на граѓани тоа може да го кажат ДИК и МВР, но се работи за бројка од околу 100 илјади граѓани на кои мора да им биде обезбедено право да гласаат на изборите“,
додаде Ковачевски.
Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, вчера објави дека ДИК поднела предлог до Собранието во Изборниот законик да се направи преодна измена која на граѓаните со важечките лични документи со старото уставно име ќе им се овозможи да гласаат на изборите. Оваа одредба, како што вели првиот човек на ДИК, би се однесувала само на годинашните избори, а дали ќе биде усвоена, ќе зависи од Собранието.