КОСТАДИНОВ: Мора да ги вратиме подзаборавените вредности во образованието -Нека ви е честит Денот на сесловенските просветители!

мај 24, 2023

Коста Костадинов, градоначалник на општина Струмица:

Колку е убаво кога споделуваме вистински вредности!

Со свечена академија вечерва го чествувавме утрешниот голем празник посветен на Сесловенските просветители – светите браќа Кирил и Методиј, на оние кои ни оставиле безвремен дар, повреден од сите вредности и богатства на овој свет.

Честитајќи им го празникот на просветните работници, ја упатив пораката дека мора да ги вратиме подзаборавените вредности во образованието, вредности кои некогаш создаваа идеални предуслови за градење квалитетни генерации ученици, кои ќе бидат верни и достојни продолжувачи и негувачи на прогресот на нашето општество.

Да се вратат дигнитетот и авторитетот на наставникот, да се зајакнат односите меѓу наставник – ученик и наставник – родител, но и да ја мотивираме соработката помеѓу наставниците и стручните служби во училиштата, за да може навреме да се избегнуваат одредени девијантни и несакани појави и последици.

Порачав и дека придобивките од интензивниот светски технички-технолошки развој, како што се уредите за комуникација, не смеат да бидат на дофат на учениците во време на одржување на наставата, за да можат учениците максимално да бидат посветени на активностите кои се дел од воспитно – образовната програма.

Имајќи максимален респект кон вработените во образованието и годинава ги наградивме најдобрите наставници и стручни соработници во училиштата и воспитувачи и негуватели во градинките, за исклучителни резултати во работата и афирмацијата на институциите во коишто работат.

Нека ви е честит Денот на сесловенските просветители, нека е вековит аманетот на Светите Кирил и Методиј, нека ви е достоинствена и благородна професијата.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ