strumica denes logo

Колумна на струмичанецот Ѓорги Танушев: Има само мажи, жени и добар кеш!

Автор:

Датум:

април 6, 2024

Автор:

Датум:

април 6, 2024

Неколку поенти од колумната на Ѓорги Танушев, советник и претседател на Комисијата за еднакви можности меѓу мажите и жените!

📌Наративот дека почетокот на културните војни во македонското општество нема за цел наметнување на ефективна цензура и суптилна самоцензура на мислењето преку воведување на дистописки закони, е самозамајување, кое не вреди ни да се објаснува. Но, сепак, ете, се најдов зачуден од пишувањата на Ирена Цветковиќ, дека во југоисточна Македонија сме покренале некаква крстоносна војна против маргинализираните луѓе…

📌Независно од тоа што Ирена се обидува да ја замени тезата за некаква мобилизација против трансродовите луѓе, сепак, нешто друго е во прашање. Пред сѐ, мислам дека нејзината фотелја е во прашање, поради немањето никакви видливи резултати за ЛГБТИК+ луѓето, освен ако барањето пари од странски донатори и скапите хонорари за штанцање текстови не се смета за некаков успех. Веројатно ги заплашуваат донаторите дека ако не дадат пари, тогаш ќе им дојдат илјадници струмички крстоносци во нивните домови да ги попрскат со света чудотворна вода за здравје.

📌Вообичаената стратегија на триесетина одлично платени активисти со длабоки корени во Хера, Хелсиншки Комитет и Коалиција Маргини, разгранети низ цел мрежен систем организации, за да ги оправдаат долгогодишните хонорари, таргетираат неистомисленици со карактеристична фашизоидна омраза и отровна реторика за да се предизвика реакција. Откако ќе го постигнат ефектот, организираат специјални настани во Скопје и Брисел и ридаат и кукаат колку демек е страшно овде во Македонија, но ако добропознатите донатори пратат повеќе кеш за мрежите во Македонија, тие се волни да се „жртвуваат“ и цврсто да ветат дека ќе се среди работата. Но, доколку некој се одважи да направи ревизија и да утврди кој сѐ членува во мрежите што лапаат пари од странските донатори, ќе се чудат што сѐ немаат измислено и направено за да се оправдаат парите.

📌Всушност, сето ова е една и иста мала група невладини пријатели, кои одлично се вгнездени во различни организации за нивната „борба“ за човекови права да изгледа крупно и различно, па го шетаат светот и добро се журкаат на државна сметка. Дали ова е добра пракса министер да дели пари како ќе му текне на веќе добро платени родови активисти, додека во исто време крати пари на настани од витално значење македонската култура? Дали можеби не е битно ништо сѐ додека со дискреционо право, министерката може ад хок, селективно, да дискриминира и одредува подобни и неподобни корисници на македонскиот буџет за култура? Но, за таквите ситуации, министерката Бисера Костадиновска Стојчевска, како кандидат за пратеник во ИЕ5, во брзо време ќе треба да објаснува на предизборни трибини, и јавноста со документи ќе разбере убаво и детално кој, што и како правеше на државна сметкорасписка, кокетирајќи со родовите активисти и потпишувајќи меморандуми за соработка.

📌Последен револуционерен импакт, во име на слободата и демократските процеси, зададе Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во „ретроградните“ струмички училишта, но и во Прилеп и Штип, утврдувајќи дискриминација по претходна претставка од Маргини, поради тоа што, замислете, училишните управи се дрзнале да одредат кодекс за облекување на учениците со кој забрануваат: шорцеви, кратки здолништа, долги нокти, пирсеви и сл. Откако се осакати образованието, според резултатите од меѓународните тестирања, сега на овие „борци“ проблем им е пристојното облекување кое е општоприфатен стандард во светот. За потсетување, наставните програми во образованието беа нарочно изменети од поранешната министерка Мила Царовска, која сега е извршна директорка на Хера. Наставни програми, согласно новата концепција, отворено ја промовираат родовата идеологија. Мила Царовска и сега продолжува да дејствува од покомотна позиција со истата агенда и странски донации. Многу е веројатно дека и Јована Тренчевска ќе заврши во Хера по изборите, затоа што таму се кројат сите овие политики, и сите што нешто направиле преку институциите во Македонија имаат некаква врска со Хера и заслужено место таму за институционално имплементираните родови реформи.

📌Националната мрежа против насилство ја исклучи истата онаа организација што претходната година ја фалеа како најдобра во државата и чиј модел го препорачуваа, а нивните активисти ги препорачуваа да бидат ментори при имплементација на истиот модел во други општини и држави. Исклучија цела организација затоа што две активистки од организацијата направиле страшен престап во очите на инквизицијата предводена од Хера и Маргини. Замислете, активистка од тимот на шелтерот присуствувала и се осмелила да ѝ поставува „незгодни“ прашања на министерката Тренчевска на јавната дебата во Струмица за Законот за родова еднаквост! А, пак, друга нејзина колешка од тимот на струмичкиот Шелтер центар се осмелила да прифати професионален работен ангажман и да ја води и модерира јавна дебата на која темата е неподобна, според нивниот идеолошки систем, а згора на сѐ, на истата говорник е епископот Јаков Стобиски.

Токму поради тоа и ништо друго, колешките на Цветковиќ од Хера и Хелсиншки комитет, на чело со Драгана Дрндаревска, ги ставија на поединечно испрашување активистките „преколнувајќи“ ги да се покајат и покајнички да го изговорат родово сензитивното „Верују“ на нивната идеологија, па откако жените од шелтерот тоа го одбија, тогаш решија да испратат порака за покорност до сите останати членки, исклучувајќи ги од мрежата.

📌Дури и паразитите знаат кога треба да престанат, за да не резултира со целосен колапс на домаќинот што ги храни. Доколку не се престане со глупостите што се скапо платени од донатори, тогаш можеби навистина ќе се мобилизираат моќни армии од граѓани, но не за некакви крстоносни походи, туку за криминални истраги, трговија со влијание и злосторничко здружување за наметнување цензура и рушење на граѓанските права и слободи токму од оние што наводно ги застапуваат. Ич да не се лажеме дека им е некакво гајле за жените, децата, ранливите и маргинализирани групи на граѓани…

📌Затоа, ич нека не плаче Ирена за тоа кога гледа дека од целото македонско општество се собираат сѐ повеќе противници на нејзините одлично платени и вмрежени другарчиња. Граѓаните низ годините ве прочитаа и полека почнуваат да ве разобличуваат и обелоденуваат какви навистина сте. Така, сосема заслужено, сѐ повеќе и повеќе, немате никаква поддршка на терен од мажите и жените, без разлика на тоа колку кеш ќе ви донираат од странство и од државниот буџет! Останувате со никаков авторитет, а за брзо време ќе ги изгубите и инсталациите во државните институции… Ама тогаш можеби ќе можете да си побарате повеќе кеш од донаторите додека повторувате „има само мажи и жени“, макар и на шведски јазик?

Целта колумна може да ја прочитате во линкот: https://a1on.mk/macedonia/ima-samo-mazhi-zheni-i-dobar-kesh/?fbclid=IwAR3TlWR0u3ZIuw1xgEY7JM9sFHnfWs7nHYB_hnmMpM9Cz5wTvPOrU9xU44s_aem_AUTrDLpiS0t3ZWBeDmZs4wB0LOZLO1WXnlAsv2joAIbivUaUZCI94C6obdh8OYgKc1BU6Vb31_XQ8Or7lki5PRAM