Општина Василево, во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта, започна активности за санација на дел од регионалниот пат во селото Владиевци, на потегот кој поминува покрај амбулантата и кој со години претставуваше проблем за жителите.
Како што информира градоначалникот на општина Василево, Славе Андонов, во моментот се изведуваат работи на тампонирање на коловозот, по што во наредната фаза ќе следува и конечното асфалтирање на оваа делница. Со тоа, жителите на Владиевци и околните населени места ќе добијат побезбеден и поквалитетен пристап до здравствената установа и до своите домови.
Градоначалникот Андонов потенцира дека станува збор за реализација на едно од веќе дадените ветувања и дека Општина Василево продолжува да работи плански и посветено на подобрување на локалната и регионалната патна инфраструктура, со цел обезбедување подобри услови за живеење за сите граѓани.

























