strumica denes logo

КАДЕ СЕ „БУГАРИТЕ“ ВО МАКЕДОНИЈА? Само 61 Бугарин се пријавиле да гласаат на бугарските избори во нашата држава!

Автор:

Датум:

октомври 15, 2024

Автор:

Датум:

октомври 15, 2024

На претстојните парламентарни избори во Бугарија во Македонија ќе се гласа на пет избирачки места – Скопје, Битола, Прилеп, Струмица и Охрид, објави бугарското Министерство за надворешни работи.

Според податоците од МНР, во земјава за гласање се пријавени вкупно 61 бугарски граѓанин. Најмногу пријавени има во Прилеп – 45, во бугарската амбасада во Скопје се пријавиле 10, во Генералниот конзулат во Битола петмина, во Струмица еден бугарски граѓанин, а во Охрид не се пријавил ниту еден. Сепак, овој број може да биде поголем, бидејќи на избирачките места може да се појават и да гласаат без претходно да се пријават.

Ова е занемарлива бројка во однос на вкупниот број на Бугари пријавени на последниот попис во земјава – 3.504, а уште позанемарлива во однос на бројот на македонски граѓани кои имаат бугарски пасоши, а кој според изјавите од Бугарија се движат од 120.000 до 150.000.

На последните избори во Бугарија што се одржаа во јуни годинава во Македонија беа пријавени 120 Бугари кои гласаа во Скопје, Битола, Кавадарци, Струмица, Велес и во Охрид. На претходните избори, пак, беа пријавени 461 лице.

Инаку, за разлика од Македонија, за гласање на изборите на 27 октомври во Албанија на пример се пријавиле 174 Бугари кои ќе се изјаснуваат на 4 гласачки места, во Тирана, Елбасан, Корча и Кукс.

Според податоците што ги објави бугарското МНР, најмногу избирачки места ќе има во Турција – 168, потоа во Велика Британија и Северна Ирска – 112, во Германија 66 и Шпанија 64. Потоа следуваат САД каде што Бугарите ќе гласаат на 53 избирачки места, во Италија на 27, Холандија 25, Грција 23, Франција 17, Белгија 16, Канада 15, Швајцарија 11, Норвешка 8, Молдавија 7, а во Србија ќе се гласа на 4 избирачки места.