Јаневски: Ќе преземеме мерки за подобрување на безбедноста во сообраќајот во Куклиш

април 7, 2018

Во организација на општина Струмица и Секторот за внатрешни работи во Струмица, синоќа, во спортската сала во населеното место Куклиш се одржа работен состанок на Советодавната група на граѓани на тема „Поголема безбедност во заедницата“. Зачестените сообраќајни незгоди од кои две со жртви на регионалниот пат кој што минува низ селото, беше поводот за состанокот кој го отвори градоначалникот Коста Јаневски, а кој во своето обраќање потенцираше дека ќе бидат преземени сите мерки кои што се во надлежност на општината за подобрување на безбедноста на граѓаните.

-Со Советодавната група во која имаше поголем број на граѓани од населеното место Куклиш разговаравме за можните начини и мерки кои што треба или можеме да ги преземеме со цел подобрување на безбедноста од секој аспект. Мислам дека дојдовме до некои корисни согледувања и заклучоци кои ќе се обидеме во најкраток можен рок да ги примениме. Се надевам дека ќе има ефект оваа наша средба, корисни сугестии дадоа и самите граѓани, а за жал поттик за оваа средба беа некои немили случувања со човечки жртви кое што многу не загрижи и замисли, дали навистина можеме да направиме нешто  повеќе, дали има некои моменти кои се важни фактори во безбедноста во ова населено место кои што можеме да корегираме со цел да ги заштитиме граѓаните од несакани последици. Се надевам дека со некои мерки кои што најургентно ќе ги преземеме, а кои што се во рамките на локалната самоуправа ќе ја зголемиме безбедноста во ова населено место. На овој наш состанок беше присутен и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта под чија  ингеренција е овој регионален пат и кој би можел со овие директни согледувања и сугестии од граѓаните да добие дополнителни информации за тоа како во иднина би требало да го третираме овој пат и како можеме да ја подобриме неговата безбедност, рече градоначалникот Јаневски.

Граѓаните на Куклиш ја поздравија иницијативата за решавање на проблемите од областа на безбедноста и дадоа свои предлози и сугестии. На работниот состанок присуствуваа и началникот на Секторот за внатрешни работи во Струмица, Танчо Пројковски и неговите соработници, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, пратеничката Катерина Кузмановска и директорот на ЈПКД „Комуналец“ Зоран Горѓиев.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ