ЈАНЕ КИРОВ: СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ СЕ КОРИСТАТ ЗА ИСМЕЈУВАЊЕ, А ПОПУЛАРНОСТА ВО ДРУШТВОТО СЕ МЕРИ СПОРЕД СКАПАТА МАРКА НА ОБЛЕКА И ТЕЛЕФОН!

декември 26, 2021

Родителите заедно со децата усогласено чекорат кон современиот свет и нештата кои истиот ги налага. Меѓутоа, каде води сето ова? Какви карактерни вредности се всадуваат во младите генерации? Кои се нивните цели, желби и потреби? Дали современото е и исправно?

Според нив, идеалната жена е онаа со облини, тенки половини и многу шминка. Идеалниот маж пак, е оној кој има многу пари. Повеќе внимание се посветува на надворешниот изглед и облеката, отколку на карактерните особини. Пример земаат од погрешни личности, за нив е сосем нормално да се стане славен поради разголеност или филмови за возрасни. Женственоста се покажува преку надоградба на коса или нокти, а се губи она суштинското – љубовта, разбирањето и почитта.

Не ретко можете да забележите пијани малолетници или млади деца кои страсно конзумираат никотин. Не е тајна дека повеќето имаат пробано и „џоинт.“. Рано се стапува и во сексуални односи и многу рано се соочуваат и со последиците од истите – несакани бремености и проблемите кои ги носат со нив.

Оценките во свидетелство не се мерило за интилигенција, меѓутоа не се знаат основни работи. Кај повеќето деца е загубена желбата и волјата за учење, материјалот се смета за непотребен, а да не се зборува за лектирите кои воопшто не се читаат. Секој од некаде се надева на оценка со врска а не се мисли на последиците од нетемелното и неконтинуирано учење – неспособен и нестручен кадар.

Децата кои напорно учат и се трудат во училиште се сметаат за „старомодни“ а аналогно на нив пак, нивните соученици со голема гордост раскажуваат за тоа колку биле пијани минатиот викенд и какви ли се глупости не направиле, мислејќи дека на тој начин изгледаат повозрасни или пак мислат дека го прават нивниот живот поинтересен пред очите на другите. Машките неретко се фалат за тоа колку девојчиња искористиле и уште колку припаднички на женскиот пол „очајуваат“ по нив.

Сменет е односот кон наставниците, родителите и врсниците. Без проблем може да влезат во расправија и со нивниот професор, знаат повеќе и од самите родители. Меѓу самите нив честопати се случуваат конфликти, повлечените и посрамежливите неретко се мета на исмејување, а тоа воопшто не е во ред.

Популарноста во друштвото се мери според скапата марка на облека, познатата марка на мобилен телефон или бројот на направени глупости. Сакајќи да бидат „кул“ и во центарот на вниманието, од своите родители бараат и бараат се повеќе и повеќе, не обрнувајќи внимание на нивните вистински можности.

Преку Фејсбук, Инстаграм и Снап глумат среќа, љубов и авторитет. Градат лажна слика за нивните животи – наводно , секогаш се среќни, вљубени и убави. Ги користат социјалните мрежи и за различни препукувања, исмејувања и докажувања.

Дали родителите не посветуваат доволно време за воспитување на нивните деца? Дали премногу им дозволуваат и ги разгалуваат? Каде лежи коренот на овој проблем, за кој можеби родителите не се ни свесни? Секогаш постојат исклучоци, бидете среќни доколку Вашето дете е еден од нив!

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ