Македонците се убедливо најголеми потрошувачи на цигари во регионот и во топ 10 во светот. Дури 46% од возрасните се пушачи на цигари, притоа не сметајќи ги електронските цигари и другите тутунски производи.
За споредба, во Европската Унија пушачи се 18,4%, а во светот 17% од населението. Речиси секој втор пушач во Македонија троши повеќе од една кутија цигари дневно. Од година в година возраста на која младите почнуваат да пушат драстично се намалува. Просекот во Македонија е 13 и пол години, анализира Алфа.
Истражувањето на тинк-тенкот Аналитика покажува дека пушењето може да доведе до 39 илјади смртни случаи во следните 40 години. И покрај застрашувачките бројки, анализата покажала дека Македонците немаат намера да се откажат од пушењето. Богатите истовремено конзумирале и повеќе алкохол, оние од средна класа заради пушењето не трошат на образование, додека посиромашните попрво би избрале цигара, отколку да си купат нешто за јадење. Дури 13% од платата ја трошат на тутунски производи.
Кај посиромашните домаќинства, трошоците кои се направени за набавка на цигари влијаат да се исфрлат трошоците поврзани со набавка на храна, млеко и млечни производи. Фамилиите имаат значајно нарушување на нивниот животен стандард затоа што имаат издатоци за цигари“, вели Кристијан Кожески – Економски Факултет при УКИМ зa Алфа.
Истражувачите препорачуваат властите да ги едуцираат граѓаните за штетните ефекти на цигарите врз здравјето на луѓето, но и врз нивниот семеен буџет. Дополнително, зголемувањето на акцизата за 16% годишно треба да доведе до натамошно поскапување на цигарите за околу 13% во 2025 и 2026 година, а со тоа и до откажување од пушење на дел од луѓето и намалување на трошоците за здравствени услуги. Покачувањето на акцизата би значело и плус 30 милиони евра во државниот буџет годишно.