strumica denes logo

ИСТОРИЈАТА НА СТРУМИЦА ДОБИВА СОВРЕМЕН ИЗГЛЕД – ИНТЕРВЈУ СО БРАНКО ЃОРГИЕВ, ДИРЕКТОР НА МУЗЕЈОТ!

Автор:

Датум:

јули 27, 2025

Автор:

Датум:

јули 27, 2025

Во интервју за порталот „Струмица Денес“, директорот на НУ Завод за заштита на спомениците на култура и Музеј – Струмица, Бранко Ѓоргиев, зборува за најзначајните проекти реализирани во изминатиот период, предизвиците со кои се соочува институцијата и идните планови. Од конзервација на манастири и археолошки локалитети, до воведување на ново работно време и дигитални новитети, Музејот се позиционира како важен столб на културниот идентитет на Струмица. Ѓоргиев нагласува дека е зголемен буџетот за програмски активности, а во фокусот се и меѓународната соработка, едукацијата и валоризацијата на културното наследство од сите историски периоди. Во продолжение проследете го целосното интервју:

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Г-дин Ѓоргиев, кои се најзначајните проекти што ги реализираше НУ Завод и музеј – Струмица во изминатиот период?

БРАНКО ЃОРГИЕВ: Во изминатиот период се реализираа голем број на проекти од секторот на заштита и музејска дејност при НУ Завод и музеј Струмица. Позначајни ако може така да се нарече се отпочнување на конзервација и санација на кровот на Манастирот „Св. Леонтиј“ во с. Водоча. Овој проект е од капитално значење и е дел од годишната програма на НУ Завод и музеј и Министерството за Култура и туризам. Исто така тука е и конзервацијата на црквата „Св. Кирил и Методиј“ која е доста значајна за градот Струмица и струмичани. Се работеше и на конзервација на термалното римско лекувалиште во Банско, а во идниот период се планира и отпочнување на градежни активности поставување на кровна конструкција за заштита од атмосферски влијанија. Овој проект е финансиран од ИНТЕРЕГ програмата на Европската Унија. Направени се и повеќе археолошки истражувања на локалитетите: „Св. 40 севастиски маченици“, на праисторискиот локалитет кај село Костурино, арх. локалитет „Керазлк“ кај село Баница се работеше и на конзервација на средновекувната кула „Пирго“ кај село Мокриево, и многу други проекти од музејската дејност: Подготовка на годишниот Зборник на трудови, исцртување на фрескоживописот на црквата „Св. Тројца“ во с. Смоларе и многу други.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Кој е најновиот новитет во рамки на Музејот и како јавноста реагираше на него?

БРАНКО ЃОРГИЕВ: Како новитет во Завод и музеј Струмица може слободно да кажам дека постојаната музејска поставка веќе е отворена за посетители од вторник до сабота од 8.00 до 19.00 часот освен понеделник која работи од 8.00 до 16.00 часот и недела која е неработен ден. Ова работно време се воведува за прв пат од постоењето на музејот во Струмица. Целта на ваквата мерка е да ги привлечеме граѓаните на Струмица и туристите кои доаѓаат во градот да дојдат и да не посетат. Бидејќи има што да се види во самата поставка насловена како: Струмица и струмичко низ историјата.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Дали планирате проширување или надополнување на постојаната музејска поставка и во кој правец ќе се движат идните теми?

БРАНКО ЃОРГИЕВ: Музејската поставка се надополнува континуирано. Како доаѓаме до нови сознанија или пак се откриваат нови артефакти при археолошки истражувања или при откуп на музејски предмети, а сепак се од поголемо значање секако дека ќе бидат презентирани односно изложени. Во моментов работиме на осовременување на постојаната музејска поставка во меморијалниот музеј посветен на Народниот Херој Благој Јанков Мучето. Во наредниот период оваа спомен куќа ќе биде отворена за посетители.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Каква е моменталната состојба со буџетот на институцијата и дали средствата се доволни за остварување на планираните активности?

БРАНКО ЃОРГИЕВ: Секогаш може повеќе. Оваа година морам да напоменам дека средствата за реализација на годишната програма се за дупло зголемени. Ако изминатите години буџетот се движење од 3.000.000 до 4.000.000 денари оваа година изнесува 6.500.000 денари. Плус мора да напоменам дека се издвоени и дополнителни средства за довршување на Старот струмички театар каде за него се издвоени околу 196.000.000 денари.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Со какви предизвици се соочувате при заштитата и конзервацијата на културното наследство во регионот?

БРАНКО ЃОРГИЕВ: Предизвици има секогаш. Но гледаме да ги надминеме. Во делот на заштитата на недвижно културно наследство работите одат малку побавно. Ова е поради тоа што мора однапред да се испланираат јавни набавки за избор на изведувачи, Мора однапред да се изработуваат конзерваторски проекти па потоа да се премине на нивна реализација итн.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Дали имате соработка со меѓународни институции или организации во делот на културното наследство и музејската дејност?

БРАНКО ЃОРГИЕВ: Завод и музеј Струмица има воспоставено соработка со повеќе институции како во државата така и од странство. Ќе споменам само неколку проекти кои се реализирани во последните неколку години, а тоа е конзервација на фрескоживописот на Манастирот во „Пресвета Богородица Елеуса“ во Вељуса. Овој проект беше финансиран од америчката амбасада во Р. Македонија и исто така ќе го споменам и проектот за кровна конструкција на Римската Бања каде овој проект ќе го реализираме заедно со Регионално министерство за култура на Р. Грција, Музејот во Кукуш и ЦИСС Палермо од Р. Италија со претставништо во Скопје. Ќе напоменам дека секоја втора година Завод и музеј Струмица организира меѓународен симпозиум по археологија каде се пријавуваат голем број на археолози од повеќе музеи од Европа.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Во каква мера образовните институции (училишта, факултети) се вклучени во програмите на музејот?

БРАНКО ЃОРГИЕВ: Образовните институции повеќе ги вклучуваме преку едукативни работилници. Кои се организирани од нашите колеги врботени во нашата институција. Тие се организираат на најразлични теми од историјата на нашето поднебје. Со факултетите или универзитетите имаме соработка најмногу во делот со организирање на симпозиуми итн.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Колку посетеноста на музејот се зголеми или намали во последните години и кои активности придонесоа за тоа?

БРАНКО ЃОРГИЕВ: Посетеноста на музејската поставка е најголема во пролетниот и есенскиот период од годината. Но затоа ние работиме на тоа да таа биде посетена во секој период од годината и презедовме неколку мерки како што напоменав на почетокот за работното време на музејот и маркетинг и промоција.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Има ли простор за дигитализација на музејските збирки и каков е Вашиот став за користење на современи технологии во презентирањето на историјата?

БРАНКО ЃОРГИЕВ: Секако дека има. Напредокот на технологијата мораме да го искористиме. Тоа ќе биде и во наш прилог. Планираме во наредниот период да направиме и виртуелни прошетки низ наши позначајни археолошки локалитети, спомен куќи и дт.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Кои се Вашите идни приоритети како директор и што би сакале да оставите како белег во времето на Вашето раководење со оваа значајна културна институција?

БРАНКО ЃОРГИЕВ: За мене е голема чест и предизвик да ја предводам оваа институција со 70 годишна традиција која се грижела за заштита на културното богатство. Во наредниот период ќе се сконцентрираме во осмислување истражувачки проекти и стратегија преку којашто ќе бидат опфатени сите периоди од културно-историскиот развој. Во таа смисла, ќе се инсистира Струмица да се промовира како значајно христијанско, воено-политичко, интелектуално, културно и црковно-религиозно седиште. Валоризација на ваквите тенденции ќе се бара во контекст на ослмислувањето истражувачки проекти коишто се однесуваат и на ранохристијанскиот и средновековниот период.

Со посветена работа, стручност и визија, Бранко Ѓоргиев и тимот од Завод и музеј – Струмица продолжуваат да ја градат културната иднина на градот. Нивната мисија е јасна, заштита, промоција и достапност на богатото културно наследство за идните генерации.