Доне Киров е софтверски инженер и претприемач роден 1997 година во Струмица. Уште од најрана возраст се занимава со графика, постигнувајќи сериозни национални успеси. Во текот на средношколските денови се закитува со десетина награди во доменот на веб дизајн и програмирање што претставува мотивација образованието да го продолжи на “Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство” во Скопје каде ги започнува првите чекори во изградба на софтвер.
Веднаш по завршување на студиите, Доне ја основа компанијата “Produkto”(www.produkto.io) како мал стартап чија примарна цел е изградба на свои веб апликации за специјализирана намена. Во текот на следните две години, тимот развива неколку различни продукти чија цел е автоматизација на работата во домени како брендирање и е-трговија со помош на вештачка интелигенција. Во изминатиот период овој стартап прави огромен чекор во развојот, придобивајќи голем број корисници низ целиот свет со нивната последна алатка “Spacelogo”(www.spacelogo.ai) која помага во изработка на лого дизајн и бренд идентитет на компании и поединци.
1.Што те мотивира тебе и вашиот тим да изградите ваков софтвер?
-Потребата за автоматизација на дел од работата потекнува од моето повеќегодишно искуство како графички дизајнер, најчесто креирајќи бренд идентитети на илијадници корисници низ целиот свет. Дизајнот како професија е многу комплексна област бидејќи секој човек има свој вкус и начин на перцепција на боите, формите, што всушост е основна причина за отежната комуникација која често завршува со многу промени дури и во најситните детали што на крај резултира со дисбалансиран начин на живот, обидувајќи се да го креираш “совршеното” решение за корисникот.
2.Дали беше тешко да се развие ваков софтвер и колку време ви требаше?
-Процесот на развој на првата верзија траеше 4-5 месеци земајќи предвид дека овој софтвер всушност и не е нашиот примарен продукт кој наскоро ќе биде лансиран на кој работиме повеќе од една година. Техничката реализација воошто не е проблем бидејќи сите членови на тимот се високо мотивирани и отворени за развој на иновативни глобални решенија. Единствена потешкотија постои во распределбата на улогите бидејќи често се очекува секој од нас да има задачи од различни области како програмирање, маркетинг и продажба.
3.Како функционира вашиот софтвер? Објаснете го процесот.
-Главна цел на софтверот е дизајнирање на лого во неколку секунди. Корисникот во три едноставни чекори добива голема палета на понудени дизајни од кои може да избира и притоа дополнително да ги уредува по своја желба на многу едноставен начин. Првиот чекор е внесување на име на брендот, вториот чекор вклучува избор на категорија во која припаѓа бизнисот и како трет чекор е изборот на бои. Внесените информации нашиот систем кој се заснова на алгоритми од вештачка интелигенција, за само неколку секунди понудува оригинални лого дизајни. Последен чекор е избор на пакет според тоа кои се целите на корисникот и дали логото му е потребно за печатење, користење на социјални мрежи или целосно купување на правата на дизајнот. Со софтверот се заштедува време и особено помага на помали бизниси кои не располагаат со голем буџет.
4.Дали вашиот софтвер е потенцијална опасност за дизајнерите кои рачно изработуваат лого дизајни и бренд идентитети?
-Нашиот софтвер како дел од стотина софтвери за слична намена кои се веќе на пазарот претставуваат сериозна опасност за одредени професии. Подемот на вештачката интелигенција и нејзината имплементација во многу области ќе резултира со делумно или целосно исчезнување на одредени професии како природна еволуција на науката и технологијата. Ако погледнеме назад во минатото ќе заклучиме колкав број на професии веќе не постојат или претрпеле сериозни промени, особено во периодот на индустријализацијата. Сега се случува друг вид на револуција, време во кое човекот може да ја тренира машината да извршува активности кои претходно му припаѓале нему. Јас сум изненаден колку многу луѓе веќе користат вештачка интелигенција за решавање и најситни проблеми од секојдневието.
5.Како ја замислувате иднината со вештачката интелигенција? Дали таа ќе ги замени луѓето или ќе работат заедно?
-Човекот и машината ќе работат заедно. Бројките зборуваат дека интелектуалната активност добива сè поголема вредност во споредба со физичката, репетитивна работа. Целта на вештачката интелигенција е олеснување на работата и генерално животот на луѓето. Оние кои се противат и се скептици кога станува збор за вештачката интелигенција, за неколку години ќе бидат најголемите корисници на паметната технологија, многу слично со употребата на безжичната комуникација и интернетот.
6.Кои се вашите планови за претстојниот период и каде се гледате во иднина?
-Нашиот тим напорно наботи на усовршување на постоечкиот софтвер кој наскоро ќе има нова верзија, многу пософистицирана и надоградена со моќни алатки. Како што веќе спомнав, главниот фокус на тимот секако е лансирање на примарниот софтвер кој комплетно ќе го автоматизира процесот на продажба преку интернет односно е-трговијата. Со овој продукт влегуваме во многу поголема индустрија која тежи трилиони што значи дека продирањето на ваков пазар е покомплексно. Исто така во процес на планирање се дополнителни проекти во дизајн индустријата бидејќи добиваме одличен одговор од пазарот. Нашата база на клиенти веќе брои неколку илјади низ целиот свет, број кој ескпоненцијално расте и претставува дополнителен мотив, но и одговорност за силна посветеност и борба. Небото веќе не е граница!