ИНТЕРВЈУ СО НОВИОТ ДИРЕКТОР НА ЈПКД КОМУНАЛЕЦ-СТРУМИЦА ЉУПЧО ЉАЧЕВ: Очекувам претпријатие во кое системот, а не поединецот ќе бидат во преден план – Ќе работиме посветено за почиста и посредена Општина!

февруари 9, 2024

На наше задоволство, интервју со новиот директор на ЈПКД Комуналец-Струмица Љупчо Љачев. Љачев на оваа позиција дојде со визија и енергија да ги подобри комуналните услуги за граѓаните на општина Струмица. Инаку, Љупчо Љачев претходно исто така има работено во ЈПД Комуналец-Струмица од 2009 до 2019 година како Раководител на одд. за наплата и центар за корисници и неговото дологодишно искуство во комуналниот сектор ќе му помогне да го води Комуналец-Струмица во добра насока. Во продолжение проследете го целосното интервју:

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Кои се Вашите први чекори како нов директор на ЈПКД Комуналец-Струмица?

ЉУПЧО ЉАЧЕВ: Решавањето на тековните проблеми се дел од активностите на кои ставам акцент. Основна мисија е да продолжиме со непрекинато снабдување на нашите корисници со квалитетна вода за пиење, евакуација на атмосферските води од урбаните површини, отстранување и пречистување на отпадните води, одржување на градската инфрастуктура, заштита и разубавување на животната средина.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Главни предизвици пред кои стоите како директор на Комуналец?

ЉУПЧО ЉАЧЕВ: Предизвик е финансиското и оперативно зајакнување на претпријатието, зошто само така можеме да ги реализираме поставените задачи и цели. Тука првенствено мислам на проширување на водоводната и канализационата мрежа, на дефинирање на обемот на услуги кои ги нудиме на граѓаните на општина Струмица и приватниот сектор, зголемување на приходите, целосно искористување на капацитетите, подобрување на наплатата, намалување на процентот на загуби на вода.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Што планирате да примените за подобрување на комуналните услуги?

ЉУПЧО ЉАЧЕВ: Обезбедувајќи добри услови за работа на вработените ќе постигнеме повисок степен на квалитет на нашите услуги, дигитализација на јавното претпријатие во функција на брза и ефикасна реализација на барањата на нашите граѓани, обнова на возниот парк за собирање, транспорт и депонирање на комунален отпад, зголемување и одржување на јавните зелени површини.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: И покрај апелите од Комуналец, свесни сме дека постојат несовесни граѓани кои постојано ја загадуваат околината. Кои се вашите стратегии за намалување на загадувањето во градот?

ЉУПЧО ЉАЧЕВ: Додека едни граѓани прават граѓански акции за чистење на ѓубрето, други тоа го создаваат. Сметам дека единствена одржлива стратегија е подигнување на свеста на граѓаните за природата и животната средина. Дотогаш ЈПКД Комуналец-Струмица работи на зголемување на зелените површини, чистење на диви депонии, навремено собирање, транспорт и депонирање на отпад, поставување и одржување на опрема за отпад како во град Струмица, така и во населените места. Знам дека станува збор за долгогодишен процес и нешто кое неможе да се реши преку ноќ, затоа во координација со инспекциските служби од општина Струмица постојано се излегува на терен и се апелира на одложување на сметот на места кои се предвидени за тоа.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Во изминативе неколку години во тренд се јавните зелени површи. Планирате ли да ги зголемите и за каде се предвидени?

ЉУПЧО ЉАЧЕВ: Во фаза на изградба е паркот во поранешната касарна, наспроти новата детска градинка, во моментот се поставува водоводна и канализациона мрежа со што тој дел од градот ќе биде добие убав урбан изглед и дополнителна содржина. Во моментот работиме на проекти за отпочнување со парковско уредување со жардинерии и урбана опрема на просторот до Тинекс (Булевар „Маршал Тито“, влезот во градскиот парк пред „Хепинес“, како и дополнување со хортикултурен материјал на плоштад „Гоце Делчев“, поточно на потегот помеѓу споменикот на „Гоце Делчев“ и хотел „Есперанто“. Набрзо започнуваме со хортикултурно уредување на поројот „Крушевска Република“, а во план е реконструкција и проширување на еко паркот на улица „Ката Поцкова“. Со дополнување на хортикултурното решение во однос на патеките, урбаната опрема и садниците.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Што планирате да преземете за зголемување на свеста кај граѓаните за рециклирање?

ЉУПЧО ЉАЧЕВ: За таа цел потребни се повеќе кампањи за подигнување на свеста кај луѓето да рециклираат, бидејќи сортирањето на отпадот започнува од домот. ЈПКД Комуналец-Струмица на полето на отпадот ќе продолжи, заедно со општина Струмица, да го промовира рециклирањето како мерка за намалувањето на отпад. За сортирање и селектирање на отпад како интегрален дел од процесот на рециклирање со подетални канти за значителен број на домаќинствата, со тенденција нивниот број да се зголемување.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Кои се вашите очекувања од работата на претпријатието во наредните години?

ЉУПЧО ЉАЧЕВ: Очекувам да работиме посветено и со цел, општина Струмица да биде уште почиста и посредена. Да креираме проекти кои носат квалитетен живот за нашите граѓани. Целокупниот потенцијал на ЈПКД Комуналец-Струмица да биде во функција на таа цел – квалитетни комунални услуги за граѓаните на општина Струмица. Очекувам претпријатие во кое системот, а не поединецот ќе бидат во преден план.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ