ИНТЕРВЈУ НА СТРУМИЦА ДЕНЕС СО СТРУМИЧАНЕЦОТ ВАСИЛИЈ – ЧОВЕКОТ КОЈ СО ГОЛЕМА ЉУБОВ НА ЦЕНТАРОТ ВО СТРУМИЦА ПРОДАВАШЕ МАКЕДОНСКИ СУВЕНИРИ И ПРОДУКТИ!

август 26, 2019

Василиј е човекот кој со голема љубов на центарот во Струмица продаваше македонски сувенири и продукти. Неговата „тезга“ обоена со црвено-жолтата боја го разубавуваше струмичкиот плоштад и невозможно беше да поминете од таму а да не ја забележите. Василиј за жал повеќе нема да го гледаме на струмичкиот плоштад поради законот за забрана на знамето со сонцето од Кутлеш. Струмица Денес имаше можност накратко да зборува со Василиј:

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Василиј, од каде дојде идеата за продавање на македонски сувенири и продукти?

ВАСИЛИЈ: Она што ме побудува во душата да продавам македонски сувенири и продукти е неизмерната љубов кон Верата Света наша и кон татковината и народот наш. И како што вели Св.Павле, „ако љубов немам, ништо не ми користи“, а љубовта е посилна од се’, единствено таа нема граница без разлика дали се работи за љубов кон верата или татковината.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Кои луѓе најмногу купуваат од македонските продукти и сувенири?

ВАСИЛИЈ: Сите оние кои си ја сакаат татковината, нашата Македонија. Ако би морал да издвојам, тогаш со сигурност нашите сограѓани иселеници, а посебно помладите генерации. Кај нив е поразвиено Родољубието а тоа факт ми ја исполнува душата дена не е изгасната љубовта во душата на нашиот напатен народ Македонски.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Што би им препорачале за крај на нашите читатели?

ВАСИЛИЈ: Ги замолувам да искажуваат љубов, да подарат љубов, бидејќи само тоа ни остана. Бог е љубов! Кој си ја сака Верата си ја сака и Македонија, а кој не ја сака Татковината не си ја сака ни Верата наша света. Дојде време кога вистинските вредности во животот се уништија. Се пропагираат и наметнуваат западните вредности кои се множат со нула. И сами гледаме дека се’ она што е нормално се смета за ненормално, а се’ што е ненормално се смета за нормално. Каква ли иднина не очекува во оваа забрзано динамично време што го живееме кога се е наопаку? Бог нека не чува!

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ