ИНТЕРВЈУ НА СТРУМИЦА ДЕНЕС СО Д-Р НИКОЛА МАЏУНКОВ: ДА ШИРИМЕ ТОЧНИ ИНФОРМАЦИИ ВО ВРСКА СО КОВИД-19, НЕ ПАНИКА!

април 20, 2021

Д-р Никола Маџунков е специјалист во областа на гинекологијата и акушерството, човек со големо срце и професионален и срдечен однос кон своите пациентки. Дел e од Поликлиника Мартини кадешто пациентките од регионот, но и од цела Македонија доаѓаат за преглед, совет и консултација.

Со него поразговаравме за моменталната ситуација со Covid-19, вирус кој предизвикува респираторни проблеми и оправдано ги вознемири идните родители околу безбедноста за нивното бебе. Како што вели докторот, вознемиреноста кај идните родители доаѓа од немањето доволно информации, па со задоволство прифати да одговори на неколку прашања кои се актуелни изминативе месеци.

Дали инфекција со Covid-9 во тек на бременост им штети на бебињата?

Д-р: Бременоста е возбудлив и стресен период во исто време. Трудниците секогаш имаат многу прашања. Едно од најчестите е дали одредена болест кај мајката во бременост може да им наштети на бебињата.

SARS-Cov-2 вирусот е респираторен вирус кој засега не е докажано дека ја поминува бариерата на постелката и со тоа не може директно да им наштети на бебињата. Ризикот по бебињата доаѓа од јачината на симптомите кои се развиваат кај трудници со Covid-19. Висока температура подолго време во бременост е штетна по бебињата, посебно во рана бременост. Мора да се внимава на доволен внес на течности кај трудници со температура поради ризик од намалување на околу плодова вода. Кај трудници кои имаат потреба од интензивен мониторинг и подршка на дишење, бебињата секогаш се во ризик за предвремено раѓање.

За среќа вакви тешки случаи не се чести и најголемиот дел од трудниците поминуваат со лесни симптоми.
Секоја трудница ја охрабруваме веднаш да го извести својот гинеколог доколку има симптоми на покачена температура, треска или други симптоми, за да може навремено да се даде терапија и советување.

На кои симптоми треба да внимаваат бремени жени и мајки што дојат?

Д-р: Covid-19 е болест која ги напаѓа дишните патишта. Симптомите ообично се јавуваат помеѓу 2 – 14 дена од контакт со вирусот. Најчесто инкубацијата (времето од прв контакт со вирусот до појава на првите симптоми) трае околу 4 дена.Најчести симптоми се: кашлица, температура, потешкотии со дишење, малаксаност, треска, болка во грло, главоболка, губење на осет за мирис и вкус, болка во мускули и зглобови.

Дали бремените жени се поосетливи на вирусот?

Д-р: SARS-Cov-2 вирусот не е доволно проучен кај трудници и сè уште немаме потполни податоци.

Секоја бремена жена е почуствителна на вируси кои ги напаѓаат дишните органи. Тоа е поради променa во имуниот систем кој опаѓа во бременост. Исто така во бременост настануваат промени во дишењето и во работата на срцето.

Најновите упатства и докази покажуваат дека бремените жени кои имаат Covid-19 инфекција имаат поголем ризик за прием во болница и прием на оддел за интензивно лекување, во споредба со жени на иста возраст со Covid-19 инфекција, кои не се бремени. Затоа постојано ги охрабруваме сите труднци веднаш да ги пријавуваат и најмалите симптоми за да може да интервенираме рано.

Која терапија е безбедна за бремени жени со симптоми на Covid-19?

Д-р: Терапијата за Covid-19 е иста како и кај другите болести на дишните органи и треба да се применува исклучиво по препорака на лекар. Препораките се:
– Да се зема парацетамол за температура над 37,8⁰C
– Да се пијат многу течности
– Одмор
– Изолација

Доколку парацетамолот не ја спушти температурата и се јават потешкотии во дишењето, гадење и повраќање, потребно е пациентката веднаш да се јави кај својот лекар. По преглед лекарот може да препише некоја друга терапија или да даде упатства за понатамошно лекување во домашни или во болнички услови.

Дали бебињата можат да се заразат од мајката во тек на бременост?

Д-р:Досегашните искуства покажуваат дека е малку веројатно вирусот да премине од мајката на бебето кај трудници со Covid-19. Присуство на SARS-cov-2 вирусот не е докажан во постелката и околу плодовата вода.

Бебето може да биде заразено после породувањето бидејќи вирусот се пренесува преку капки при зборување, кашлање и кивање од мајка со Covid-19. Затоа кај мајките што дојат даваме јаки препораки за носење маска и често миење на раце кога се во контакт со своите бебиња а во исто време силно ги охрабруваме да продолжат со доење.

Што треба да знаат бремените жени за Covid-19 вакцинација во бременост и доење?

Д-р: Бремените жени ќе мора да одлучат дали ќе примат Covid-19 вакцина во бременост или ќе ризикуваат да се заразат. Трудниците со симптоми на Covid-19 имаат поголем ризик за појава на поизразени симптоми и прием во единица за интензивно лекување и механичка вентилација. Вакцините за Covid-19 не се доволно проучени во бременост во клиничките студии, затоа имаме малку податоци со кои располагаме.

Последната студија објавена во Американското списание по Гинекологија и Акушерство од Март 2021 г., изработена на мал број пациенти покажува дека вакцините на Pfizer и Moderna (mRNA вакцини) во бременост и доење се безбедни, а одлуката е индивидуална! Последната студија носи позитивни податоци за трудници кои размислуваат за вакцинација, такашто секоја бремена жена ќе мора сама да одлучи дали да се вакцинира водејќи се според податоците за број на заболени во својот град и средина.

Со вакцинирањето во бременост и доење, бебињата се заштитени бидејќи антителата ја поминуваат бариерата на постелката, поминуваат во мајчиното млеко и децата се имунизираат преку своите мајки.Се смета дека Messenger RNA (mRNA) вакцините (Pfizer , Moderna ) се безбедни во бременост, а секоја трудница треба да направи консултација со својот лекар околу примањето на mRNA вакцина.

Мерките за заштита од вирусот се веќе познати, но да ги повториме:
– Носете маска
– Често мијте ги рацете
– Држете растојание од 2-3 метра при контакт со луѓе
– Избегнувајте да го допирате лицето
– Јадете здраво и пијте течности
– Вежбајте, доколку вашиот лекар ви дозволува
– Излегувајте често на чист воздух

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ