(ИНТЕРВЈУ+ФОТОГАЛЕРИЈА) Струмичанката Ана Гаврилова кафето го претвора во уметничка слика!

ноември 15, 2018

За креативниот ум нема лимит, сè може да биде уметност, во сè може да се најде инспирација за творење и креација. Секојдневното пиење кафе е рутина во која сите уживаме, но струмичанката Ана Гаврилова на кафето му пристапила како материјал и од него создала уметност. Таа дипломирала на Економскиот факултет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на отсек е-бизнис, но како што откри во разговор со Струмица Денес уште од најрани години ужива во несекојдневните и креативни нешта.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Кога и како започна со овој тип на уметност?

АНА: Отсекогаш сум уживала во уметноста, ги сакам креативните работи и сакам да создавам несекојдневни нешта. Можеби затоа што сум израсната во фамилија која ги почитува уметноста и музиката. Уште како мала се сеќавам како седевме мирни и гледавме од далеку со брат ми затоа што татко ни цраташе. Тоа сигурно влијаело и кај брат ми. Тој сега е дипломиран вајар на факултетот за ликовно уметности. Но оваа техника е прилично нова за мене, односно започнав со самиот мој ноемвриски предизвик. Сведоци сте на тоа како ја тестирам и изучувам техниката за цртање со кафе секој ден.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Од каде инспирацијата?

АНА: Инспирација секогаш доаѓа од секојдневието… Од луѓето околу мене, од оние што ги сакам, од нештата што ги сакам, од прекрасните бои на природата.. Интересно е како бојата на кафето совршено се совпаѓа со есенските бои.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Како реагираат луѓето кога го гледаат твоето творештво?

АНА: За мое изненадување и задоволство добивам доста позитивни коментари од луѓето. Се радувам кога некој ќе ми каже дека бил инспириран од моите цртежи и ќе ме пофали или пак едвај чека да види што ќе нацртам наредниот ден. Ми предлагаат што да цртам или пак ми даваат совети.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Имаш ли некакви планови за во иднина? Планираш ли да се занимаваш професионално со овој тип уметност?

АНА: Засега ова е само мое ноемвриско хоби, но не се знае што може да се случи утре. Тоа што знам е дека ќе се трудам и настојувам секогаш да одвојам дел од моето време за тоа што ме прави вистински среќна и тоа што ми го раздвижува умот.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: