ИНФОГРАФИК: Увозот на автомобили со голем раст, само четвртина од колите се нови

август 11, 2023

Расте интересот за купување на возила од македонските граѓани, иако најголемиот дел од превозните средства се половни. Податоците на Царинската управа на РСМ покажуваат огромен раст на бројот на увезени возила од странство во првите шест месеци од 2023 година.

Во периодот јануари-јуни годинава се увезени вкупно 21.307 возила, од кои 19.552 се автомобили, 1.634 се камиони и 121 автобус. Од увезениот возен парк, најголемиот дел од нив се внесени од странство како веќе користени возила.

Од импортираните автомобили, 4.862 се нови, додека 14.690 се половни, или изразено во проценти, 24,9 отсто од увезените автомобили се внесени како нови, додека преостанатите се половни. Ова значи дека три-четвртини од возниот парк што бил доведен е претходно употребуван во странските земји.

 

 

Во однос на возниот парк на автобусите, состојбата е уште подраматична, бидејќи само шест од увезените автобуси се импортирани како нови, додека огромното мнозинство се превозни средства кои пред да пристигнат во Македонија биле користени во странство.

Во делот на староста на возниот парк, најновите податоци од Царинската управа на РСМ укажуваат дека нема промени во однос на преференциите на македонските граѓани, кои се првенствено ориентирани кон набавка на веќе употребувани возила. Сепак, од споредбата на увезени возила во однос на претходните години може да се увиди дека расте интересот за купување на ново превозно средство.

Па така, во текот на целата мината година во Македонија биле увезени вкупно 35.458 возила. Наспроти ова, само во првите шест месеци од годинава во земјава се влезени 25.172 возила. Доколку продолжи ваквиот тренд, 2023 може да биде рекордна година според бројот на увезени возила од странство.

Државниот завод за статистика допрва треба да го објави бројот на регистрирани возила во земјава, како и просечната старост на возниот парк, но сигурно е дека трендот на раст на моторизацијата на македонското население ќе продолжи и годинава.

На зголемениот увоз на половни возила од странство влијае и исклучително либералната политика на македонската влада, која и покрај тоа што повеќе од две и пол години ветува забрана за увоз на стари возила што не ги задоволуваат ЕУРО 5 стандардите за емисија на издувни гасови, до денешен ден нема донесено рестриктивна одлука за прекин на импортирањето на вакви возила.

Македонската влада кон средината на годинава информираше дека во Министерството за финансии се изготвува анализа за моторни возила и реформи за оданочување на возилата која е координирана од Светската банка, од која треба да произлезе Акционен план во кој прецизно ќе се наведе периодот на укинување на увозот на возила со под ЕУРО 5 мотори.

Инаку, актуелниот министер за економија Крешник Бектеши уште на почетокот од 2021 година вети донесување на одлука за забрана за увоз на половни возила кои не ги задоволуваат ЕУРО 5 стандардите за емисија на издувни гасови, но ваквото ветување до денешен ден не е исполнето.

ЕУ најавува забрана за извоз на половни автомобили од членките

И додека македонската влада веќе трета година по ред ја одолговлекува рестриктивната политика за увоз на стари возила, од Европската Унија (ЕУ) веќе пристигнуваат најави дека размислува да го забрани извозот на половни автомобили од нејзините земји-членки. Ова практично значи дека во тој случај во Македонија веќе нема да може да се увезуваат возила „на старо“ од Германија, Австрија, Италија, Франција и други „омилени дестинации“, па дури и од соседна Бугарија.

Како што пишува српскиот неделник „Време“, Европската Комисија на почетокот на јули го изготвила предлогот половните возила да не можат веќе да се извезуваат и продаваат надвор од ЕУ. Комисијата предлага уредба со која ќе се заменат постојните директиви на ЕУ за отпадни возила и можноста за нивна повторна употреба и рециклирање. Ова значи дека половните возила би потпаднале под категоријата на возила со „изминат век на користење“. Во Европа и денес по шест милиони возила годишно се вклучуваат во оваа категорија, но со новиот предлог на ЕК се стравува дека дефиницијата на овој поим би била поригорозна.

Засега нема дополнителни детали кои се изнесени од ЕУ во однос на предложената регулатива од Европската Комисија, иако новите прописи се посочува дека би го намалиле испуштањето на јаглерод диоксид во воздухот за 12,3 милиони тони до 2035 година.

Србија го забранува увозот на возила со ЕУРО 4 мотори од 2024 година

Српската влада од 1 јануари 2024 година го забрани увозот на половни возила со под ЕУРО 5 стандарди на емисија на издувни гасови. Исто така, одлуката на властите на северниот сосед предвидува од 2025 година да се прекине увозот и на возила со ЕУРО 5 стандард, односно во Србија ќе може да се увезуваат единствено возила што се произведени по 2014 година.  

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ