Телевизиската сторија „И ѓубрето чини пари“ од авторот Зоран Ѓорѓиев победи на вториот повик за новинари и медиуми за истражување и промовирање на најдобри примери од примена на зелена економија или еколошки безбедни рурални деловни практики. Натпреварот се организираше во рамки на проектот „Вмрежување и застапување за зелена економија“ (Networking and advocacy for green economy) финансиран од Европската Унија.
Во победничката сторија, дописникот на телевизија Сител од Струмица, ја обработува успешната приказна за создавање органско ѓубриво од растителен отпад на Цветанчо Ѓоргиев од Ново Село. Овој струмичанец, наместо да го фрла отпадот, го собира и создава компост во својата семејна фирма. Како суровини, Ѓоргиев користи класно цветни растенија, како што се трската и шамакот, со што оневозможува несовесни граѓани да ги палат и дополнително да го загадуваат амбиенталниот воздух. Компостарата работи четири години на околу четири хектари и е единствена во југоисточниот дел на земјава. Годишно, во просек, произведува околу пет илјади метри кубни сертифициран органски компост.
Ѓорѓиев во својата сторија цитира и истражување на здружението „Хорти Еко“, според кое над 53% од земјоделците во нивната работа применуваат добри земјоделски практики. Најголемиот дел, земјоделскиот отпад го заоруваат, и иако малку, сепак има и такви кои компостираат. На тој начин добивале пониски производствени трошоци, но и поквалитетен и поконкурентен производ. Според регионалниот план за управување со отпад во Југоисточниот плански регион, количините на биоразградлив отпад се проценуваат на околу 22 илјади тони годишно или 45% од вкупната количина на комунален отпад.
Пристигнатите новинарски стории ги оценуваше тричлена комисија, составена од двајца новинари и еден претставник на Мрежата за Рурален Развој на С. Македонија (МРР на СМ). Притоа, комисијата оценуваше методологија на истражување (истражувачкиот концепт, тема, извори, новинарски алатки), потоа стилот на новинарско изразување, релевантноста на темата и придржувањето до новинарските и етичките стандарди (присуство на факти, точност и веродостојност на наводи).
Победничката сторија може да ја погледнете на следниот линк:
https://sitel.com.mk/cvetancho-gjorgiev-od-strumica-zarabotuva-preku-prerabotka-na-gjubre
***
За проектот:Проектот „Вмрежување и застапување за зелена економија“ трае три години (започна во април 2018 година) иго спроведуваат 7 партнерски организации од Балканот од кои една е од земја членка на ЕУ: Мрежа за рурален развој на СМ, Мрежа за рурален развој во БиХ, Мрежа на организации за рурален развој на Косово, Мрежа за рурален развој на Црна Гора, Мрежа за рурален развој на Србија, Албанската мрежа за рурален развој и Хрватската Мрежа за рурален развој.
Општата цел на проектот е да обезбеди поддршка за подобрување на политиките и влијанието на Балканската мрежа за рурален развој (БМРР) и нејзините членови во процесот на носење одлуки преку вклучување во процесите на реформи на земјоделските и руралните програми со цел воведување на концептот на зелена економија.
Проектот има три специфични цели:
1) Зајакнување на капацитетите на малите, локални граѓански организации во однос на општите принципи на работа, застапување и вмрежување, за да можат да ја остварат својата улога на застапници за земјоделски и рурални реформи, на транспарентен и отчетен начин;
2) Воведување на концептот на зелена економија како единствен меѓусекторски претприемачки модел за рурална диверзификација и одржливост;
3) БМРР и нејзините членови го користат пристапот за развој на политиките засновани на докази и застапување засновано на правата за да ги поттикнат националните процеси на приближување кон заедничката европска земјоделска политика (EU CAP) и промовирање на зелената економија.
Донатор: Европска Комисија преку Програмата за граѓанско општество и медиуми 2016-2017 Вкупниот буџет на проектот изнесува 1,071,269.13 евра, од кои 964,069.13 (89.99%) се финансии од Европска Унија.