Денес, во Општина Василево беше оддадена почит на еден од најголемите македонски револуционери од струмичкиот крај – војводата Атанас Нивичански, патрон на основното општинско училиште во Нова Маала што го носи неговото име.
Пред неговиот споменик се поклонија претставници на локалната самоуправа, ученици, наставници и жители, меѓу кои и градоначалникот Славе Андонов, кој порача дека сеќавањето на делото на војводата Нивичански е не само обврска, туку и чест за секој Македонец.
„Прочуениот војвода од село Нивичино беше умен, итар и лукав, но истовремено благороден, доверлив и искрен. Како вистински столб на Македонската револуционерна организација во струмичко, тој остави силно влијание врз народот“, рече Андонов.
Тој додаде дека денешните генерации, како негови потомци, имаат должност да го продолжат неговото дело и да ги негуваат вредностите за кои се борел – слобода, единство и цивилизациски напредок.
„Ова е единствениот исправен начин да одиме напред, а притоа да не ги заборавиме корените и придобивките на сопствената земја и историја“, нагласи градоначалникот.
Патрониот празник на ООУ „Атанас Нивичански“ беше одбележан со свечена програма, полна со достоинство и национален дух. Настанот заврши со пораката:
„Нека ни е вечен споменот за Атанас Нивичански! Нека ни е вечна Република Македонија!“