Поради дејството на циклонот што го зафати југоисточниот регион, на подрачјето на општина Струмица беа регистрирани обилни врнежи од дожд, нагло зголемување на водостоите и излевања од коритата, што предизвика поплави на повеќе локации.
Градоначалникот на општина Струмица, Петар Јанков, информира дека во текот на денот ги посетил најкритичните точки на терен, меѓу кои и Муртино, како и други посочени места каде ситуацијата била најизразена. Според неговите информации, уште од утринските часови механизацијата на ЈП „Комуналец“ била ангажирана на терен, а во интервенциите се вклучила и дополнителна механизација од приватниот сектор.
Јанков посочи дека околу 15 часот состојбата започнала да се стабилизира, но водостоите и натаму се следат со зголемено внимание. Екипите и механизацијата ќе останат на терен и во текот на ноќта, на сите локации за кои стручните служби проценуваат дека може да претставуваат ризик.
Од општината додаваат дека се одржува постојан контакт со жителите на погодените подрачја, а службите ќе продолжат со будно следење на состојбата, имајќи предвид дека според најавите дожд се очекува и во наредните часови и денови.
























