Почитувани сограѓани, мои струмичани,
Во овие доцни вечерни часови ви се обраќам не со апел, туку со најголема МОЛБА да ги почитуваме мерките за заштита од Ковид 19. Денешната слика по улиците, а посебно пред одредени институции, ме загрижува како градоначалник, а пред се како лекар. Тоа што досега нема регистрирано случај на заболување од корона вирусот на територијата на општина Струмица, не ни дава за право да се однесуваме комотно и недисциплинирано. Само од нас зависи дали така ќе остане. Убеден сум дека наша заедничка желба е така да остане и затоа ве замолувам да се вразумиме и најсериозно да ги почитуваме мерките од надлежните институции.
Почитувани сограѓани останете во вашите домови, ќе дојде време и за прошетки по парковите и улиците, а ако треба да излезете и завршите некоја работа држете соодветно растојание меѓу вас, не се групирајте и почитувајте ги другите мерки за лична заштита.
Ги повикувам и институциите пред кои деновиве се забележани поголеми групи на граѓани, да покажат поголема одговорност со почитување на мерките за нивно работење во овие вонредни околности.
На денешната средба со претставниците на СВР Струмица, ја разгледувавме актуелната состојба и заклучивме дека при вакво однесување на граѓаните е потребно поголемо полициско присуство на терен, но и нивните капацитети се ограничени.
Ајде, сите заедно, да покажеме поголема одговорност и сериозност за состојбата во којашто се наоѓаме, да им олесниме на сите коишто се грижат за нашето здравје со тоа што ние самите ќе покажеме поголема грижа за него.