Говорот на омраза во Македонија и понатаму не се санкционира и затоа е потребно зајакнување на националните заштитни механизми во ефективната борба со овој феномен, покажуваат најновите анализи кои се осврнуваат на законската рамка и утврдување на институционалниот јаз во регистрирањето и обработката на говорот на омраза.
- Ние бележиме еден негативен тренд кога станува збор за нашите кривични пријави. Најголемиот дел, речиси ниту една не е прифатена од страна на Јавното обвинителство, при еклатантни за нас да речам околности и докази. И покрај тоа што ние постојано зборуваме за овој феномен мораме да продолжиме да го правиме тоа. Мораме да ги зајакнуваме нашите механизми против говорот на омраза, изјави Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет
- Формулирање на една нова одредба за говор на омраза, можеби едно јасно именување на мандатот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, експлицитен мандат за говор на омраза и понатаму изработка на законски решенија за справување со говорот на омраза на интернет, кои ќе бидат во насока на актот за дигитални услуги на Европската Унија, изјави д-р Елена Михајлова – Стратилати, Правен факултет „Јустинијан Први“
Вториот дел на анализата се фокусира на правната рамка за говор на омраза на Северна Македонија и тоа поконкретно кривичноправните, граѓанско-правните и управно-правните одредби.
- Правосудните органи повторно се во спрега и со извршните органи, а особено интересен е тука еден орган тоа е Државниот завод за статистика, каде што правосудните органи веќе традиционално соработуваат и даваат податоци, можеби знаете постои компјутеризација, дигитализација во правосудните органи, едниот се вика АКМИС, тоа е при судот другиот се вика кејс менаџмент систем, тоа е при Јавното обвинителство. Тоа е многу лесно да се интервенира и овие дигитални алатки да бидат од полза за регистрирање и статистиката на говорот на омраза, изјави Александар Марковски, јавен обвинител
Говорот на омраза на интернет поставува невидени предизвици за заштитата на правото на еднаквост во споредба со класичните правни пристапи кон дискриминаторските практики, стои во анализите на законската рамка за регулирање на говорот на омраза.