Веќе четврти ден гори депонијата кај Доброшинци, а во гаснењето активно се вклучени екипи на ЈПКД „Комуналец“ – Струмица и Територијалната противпожарна единица. Пожарот предизвика густи облаци чад и сериозна опасност по животната средина, поради што екипите неуморно работат на негово локализирање и целосно гасење.
Во моментов, две цистерни на „Комуналец“ се ангажирани во акцијата за гасење, додека два булдожери ја покриваат депонијата со земја за да се спречи повторно разгорување на огнот. Досега, со земја се покриени над 2.500 квадратни метри од површината на депонијата.