ГОРДОСТА НА СТРУМИЦА: ВАСКО АТАНАСОВ И МЗТ СКОПЈЕ ГО ОСВОИЈА КУПОТ НА МАКЕДОНИЈА!

февруари 18, 2024

Тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Васко Атанасов, после победата над Пелистер од 62-60 во финалето на кошаркарскиот Куп на Македонија, ги истакна инаетот и шампионскиот менталитет на МЗТ како клучни фактори за тесниот триумф во Битола.

„Шампионскиот менталитет на МЗТ Скопје дојде до израз. Колку и да играме лошо, на површина излезе тој наш аеродромски инает. Оваа победа ја посветувам на навивачите и им благодарам што дојдоа да нè бодрат“, рече Атанасов.

Тој додаде дека играле во грч, во последната четвртина играа без Војдан Стојановски кој има повреда на задната ложа, па некои други кошаркари добија прилика да станат херои.

„Робев по вторпат е фактор за победата, блесна и лани во финалето од Купот и мене ми е многу мило за тоа“, додаде тренерот на МЗТ.

Тренерот на Пелистер, Дарко Радуловиќ, му честиташе на својот поранешен клуб, а мисли дека неговиот тим бил подобар.

„Мислам дека речиси цел натпревар имавме контрола над играта и бевме подобра екипа. Во вториот дел имавме мал пад, но како што кажува резултатот се играше на мал број поени. На крајот, сè се сведе на само една топка, во напад во кој се договоривме да правиме лична грешка. И не знам како не успеавме да направиме бидејќи имавме уште еден ‘мал’ фаул. Претпоставувам дека тоа ќе донесеше продолжение и можеби поинаков исход на мечот. Немам замерки на играчите кои беа подготвени да се борат и да се натпреваруваат. Ете, мал дефокус ни донесе пораз“, рече Радуловиќ.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ