Големите разлики во температурите ги полнат амбулантите

август 12, 2023

Заладувањето и промената на надворешните температури за многумина се здивнување од летните горештини. Но за многу граѓани значат и здравствени предизвици. Варијации во крвниот притисок и неможност тој да се регулира, аритмии, болки во грлото, бронхити, пневмонии се причини поради кои пациенти ги полнат амбулантите на матичните лекари. Во меѓувреме продолжуваат да се шират и стомачните вируси.
– Имавме денови кога наутро и ноќе е студено, а преку ден е топло. Тоа предизвикува варијации во крвниот притисок кај многумина, а предизвикува и аритмии – објаснува д-р Драган Ѓорѓиевски, матичен лекар.

Од минатата недела, објаснува лекарот, има зголемен број пациенти со болки во грлото, бронхити, пневмонии.
– Дел од граѓаните не се облекуваат соодветно. Исто така уште сме со намален имунитет поради маските што ги носевме долго време. Во исто време продолжуваат да се шират стомачните вируси – објаснува д-р Ѓорѓиевски.

Тој советува граѓаните редовно да го следат крвниот притисок. Доколку почувствуваат стегање во гради, интензивни главоболки, силни вртоглавици, веднаш да се јават на лекар.
– Мојот совет е и здрава исхрана, хигиена кога станува збор за храната и редовно миење раце. Исто така треба да внимаваме да не се мешаме со оние што се разболени со заразно заболување – додава докторот.

Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи, во наредните денови следува период на стабилно време со постепен пораст на дневната температура.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ