Големиот градски парк доби ново модерно осветлување. Градоначалникот Коста Јаневски, синоќа, во изјавата зе медиумите, рече дека со овој проект започнува концептот на „паметен град“ чија суштина е ефикасно извршување на обврските на Општината преку новите технологии.
-Ова е еден од поубавите проекти кои што во последно време ни се случија во Струмица. Се обновија 96 канделабри со нови модерни ЛЕД осветлувачки тела кои што овозможуваат многу поубаво, поинтензивно осветлување и обезбедуваат уживање на нашите сограѓани во вечерните часови во убавините на овој наш парк со кој што сите се гордееме. Обезбедуваат сигурност и што е многу важно со ова поинтензивно и поурбано осветлување заштедуваме во трошењето на електричната енергија, тоа е една од нашите заложби во наредниот период, такви модерни решавања на осветлувањето во смисла на поурбан изглед ќе има и во други делови од градот. Во оваа прилика можам да најавам дека во следниот период ќе почне со изведба уште еден таков проект, тоа е проектот за подобрување на осветлувањето на улицата „Младинска“ кој што е лоциран како потемен сегмент од нашиот град и кој со години не беше доволно осветлен.
Оргиналноста на овој проект во градскиот парк, се состои во тоа што претставува еден вовед на тоа што ние го нарекуваме „паметен град“, а се должи на фактот што има 24 светлечки тела со 80 ватни светилки, 64 се со 38 вати и 9 кои исто така имаат моќност од 80 вати. Нивната суштина е во тоа што во неколку нивоа ќе се променува интензитетот на светлината во зависност од периодот, со тоа што тие 9 кои што се поставени на потегот од споменикот на претседателот Борис Трајковски до амфитеатарот, имаат можност за сензорско лоцирање на движење на граѓаните на овој потег и во тој случај интензитетот се зголемува на сто посто. Тоа значи дека во оние периоди кога нема движење низ паркот се штеди енергија, меѓутоа кога има потреба, односно, кога има движење во вечерните часови интензитетот на светлината се зголемува и на тој начин и безбедноста и изгледот на овој парк се подобруваат доста значајно и мислам дека ова ќе биде добро прифатен и убав проект на нашата општина, рече градоначалникот Јаневски.
Вкупната вредност на оваа инвестиција која овозможи подобро осветлување на градскиот парк, заштеда на енергија и поголема безбедност на граѓаните, изнесува 4.742.600 денари.