НУ Завод и Музеј – Струмица деновиве е исполнет со детска љубопитност, насмевки и интерес за историјата и културното наследство. Нашата установа со особено задоволство ги отвора своите врати за најмладите посетители, кои преку непосредна средба со музејските содржини имаат можност да ја разгледаат постојаната поставка и да научат нешто повеќе за богатото минато на нашиот крај.
Во изминативе денови, во посета на музејската поставка најпрвин беа средношколците од ДСУ РЦСОО „Никола Карев“ – Струмица, кои со голем интерес се запознаа со дел од историското наследство што го чува нашата установа.
Потоа следуваше и посетата на најмалите и најмили гости, дечињата од ЈОУДГ „Детска Радост“ – Струмица, кои со својата искрена љубопитност, внимание и радост, внесоа посебна топлина во музејските простории.
Ваквите посети за нас претставуваат особена чест и поттик, затоа што преку нив кај младите генерации се развива љубовта кон историјата, културата и традицијата, како и свеста за значењето на зачувувањето на културното наследство.
НУ Завод и Музеј – Струмица упатува искрена благодарност до учениците, дечињата, нивните наставници, воспитувачи и раководствата на ДСУ РЦСОО „Никола Карев“ – Струмица и ЈОУДГ „Детска Радост“ – Струмица за укажаната доверба и посетата.
Нашата установа и во иднина ќе продолжи да биде отворен простор за едукација, истражување и доближување на културното наследство до најмладите, затоа што токму во нив ја гледаме иднината на зачувувањето и вреднувањето на историското богатство.





































